Изложбата се состои од над 30 сликарски дела во различни формати и техники. Повеќето од сликите беа претставени во Софија минатата година, како посебни самостојни изложби
Како дел од проектот „Поврзување“ на КИЦ на Македонија во Софија, во центарот за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово е отворена изложбата на тројца автори: Марјан Ѕингаров, Свилен Стефанов и Иво Пецов. Изложбата се состои од над 30 сликарски дела во различни формати и техники. Повеќето од сликите беа претставени во Софија минатата година, како посебни самостојни изложби. Оваа изложба ги обединува ликовните дела на авторите што се од Македонија, а живеат и работат во Бугарија.
Марјан Ѕингаров, кој дипломирал и магистрирал на Националната ликовна академија во Софија, и има реализирано осум самостојни изложби, учествува со делата насловени „Изгубени простори“, со кои го претставува најкарактеристичното од своето творештво во последните неколку години.
– Загледајте ги добро сликите на Ѕингаров и пробајте да се најдете себе на одреден датум, во одредено време и простор. Ако не сте успеале, значи сте се изгубиле пред да се пронајдете, оти тие се создадени од она што го населува просторот откако човекот ќе го напушти просторот и од она што е веќе во човекот: боја, контура, форма, симбол, емоција… „Изгубени простори“ не е само деконструкција на просторот туку и деконструкција на човекот. Соочени пред ненаселен простор, единствениот избор што човек го има е да се изгуби во него. За да може одново да ја најде идејата за себе – пишува Трајче Бјадов за неговите дела.
Свилен Стефанов, професор по историја на уметноста на Националната ликовна академија во Софија, вели дека неговото сликарство е резултат на неговите знаења од теоријата и историјата на уметноста, како и дејноста како ликовен уметник во 1990-тите, кога претпочитаните средства беа фотографијата, текстот и перформансот.
– Уште во последната деценија од минатиот век бев меѓу основачите на идеологијата на групата XXL, преку која нашата современа уметност доби ново звучење, различно од постојните тогаш „социјалистички“ парадигми, или од наметнуваниот (од определени средини) како задолжителен за „современиот уметник“ неоконцептуализам. И денес, сосема со умисла, работам во полето на ликовното, кое е сврзано со традицијата, но тоа е повторно дел од моите разбирања за независност – вели Стефанов.
Иво Пецов, кој во 2010 година успешно докторира на истата академија, на Одделот за ѕидно сликарство, учествува со дела од циклусот „Метафизички слики“.
– Оваа чудна година остави сериозни последици врз нашиот начин на мислење и комуницирање. Сликите што ги претставувам се обид да се реши загатката околу нашиот осет за слободата. Во нив се изразувам преку својот експресивен јазик, имајќи тешкотии да бидам современ, додека истовремено многу повеќе ме привлекува безвременоста. Дефинитивно нашиот современ проблем го изврши своето влијание да ги создадам сликите, кои би го третирале моето чувството на изолираност во нашето ковид-19 време. Тоа време, кое е релативна категорија, се однесува кон просторот – кон предметите и симболите, кои го легитимираат и го прават распознатливо од искуството – вели авторот.