Денеска во Музеј-галеријата во Кавадарци ќе биде отворена изложба посветена на
двете пештерни цркви Св. Лазар во селото Бегниште и Св. Никола во селото Драдња позната како Маркова пештерна црква.

Средновековните пештерни цркви и манастири во кавадаречко, како и останатите
цркви во Македонија претставуваат богата, културна, духовна и просветителска ризница. Тие се свидетели за творештвото на нашите зографи и градители, за монашкиот живот исполнет со молитва, пост и љубов кон бога и вековната традиција на источно-христијанската култура проткаена со духовна, верска и уметничка нишка.

Знаејќи го огромното значење на пештерните цркви Св. Лазар во селото Бегниште која се наоѓа на атрактивен карпест предел на околу 30 метри над нивото на Тиквешко Езеро и Марковата пештерна црква Св. Никола која се наоѓа во стрмен и карпест предел во сува пештера со длабочина од 20 метри ја прават оваа изложба уште поинтересна.

Самиот амбиент и локација на овие пештерни цркви кои се единствени од овој вид во Кавадаречко претставуваат голем предизвик и токму затоа целта на изложбата е преку фотографии, карти и скици тие да бидат достапни пред пошироката културна јавност, односно да се презентира она што досега е сочувано од нив, евидентирано,  конзервирано и документирано по пат на истражувачки проекти – вели Весна Ѓорѓиева, виш кустос историчар во Музеј-галеријата и раководител на проектите.

М.М.