Денеска во 13 часот во ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“- Прилеп ќе биде отворена изложбата „19“ од уметницата Христина Зафировска, која преку својот циклус од 19 дела на тема „Ковид“, на апстрактен и сликовит начин ни го прикажува реалното и невидливото со голо око, поттикната од промените на животниот тек, настанати од пандемијата.

Целиот серијал од 19 епизоди кои се тесно поврзани меѓу себе го интерпретира биолошкиот кружен строеж на вирусот, неговото создавање, виреење, проширување и
пренесување.

– Креативните дела од овој циклус се изработени во акрилна техника – мал формат, симболизирајќи ја микроскопската големина на вирусот, кои се надополнети со мали парчиња кои се пробиваат низ површината… Во секое дело применет е широк опсег на форми со кои авторката ги паралелизира варијациите на микросветот, а таквиот начин на изразување може да се види и во многу претходни нејзини циклуси и изложби… Концептот на делата е осмислен и наративен, а просторот рационално искористен. Тоа е постигнато преку взаемна синтеза на топли и ахроматски бои, конкретно компониран цртеж, со што доаѓа до израз графичкиот импулс на уметникот.Преку бојата, формата и начинот за визуелно претставување на делата го следиме уметничкиот стил на Зафировска, кој што заслужено можеда се категоризира како дел од модерната апстрактна уметност – вели м-р Билјана Галоска.

Христина Зафировска работи во полето на сликарството, графичкиот дизајн, мозаикот, ѕидното сликарство, инсталацијата, сценографијата, цртежот, фотографијата и видеото. Активно учествува на локални и регионални проекти, погранични соработки од областа на културата. Дел е од многубројни проекти, саеми на уметност, симпозиуми, фестивали, работилници, групни претставувања на Балканот, низ Европа и пошироко. Ка.М.