Интернационалната изложба доби веб-страница на македонски и на англиски јазик, а ќе биде преведена и на српски и на бугарски јазик
Во Археолошкиот музеј во Скопје на 15 март ќе биде отворена интернационалната археолошка изложба „100 години Требениште“, која заеднички ја подготвуваат стручните лица од овој музеј и од Националниот археолошки институт и музеј при Бугарската академија на науките во Софија и Народниот музеј од Белград. Неодамна таа доби и посебна веб-страница (https://trebenishte.com) на македонски и на англиски јазик, која веднаш го привлече вниманието и на социјалните мрежи. Изложбата е дел од истоимениот проект посветен на стогодишнината од истражувањето на светски познатиот археолошки локалитет Требениште (1918 – 2018), во рамките на кој досега во Археолошкиот музеј во Скопје беше одржана и заедничка прес-конференција со претставници на трите земји и беше промовиран и обемен каталог изработен паралелно со дизајнот на веб-страницата.
– Наскоро веб-страницата ќе биде преведена и на српски и на бугарски јазик и истата таа ќе се употребува при поставувањето на изложбата во Софија и во Белград. Веб-страницата и каталогот, како и сѐ друго што е поврзано со изложбата, ја следат истата приказна и го имаат истиот дизајн со што добиваме еден пакет од три значајни сегменти, кои имаат иста цел, да ја доловат магијата на Требениште. Со промовирањето на веб-страницата, неколку дена пред официјалното отворање на изложбата, сакавме на посетителите да им ја приближиме нејзината приказна, да ги воведеме во мистиката и убавината на наодите од оваа позната некропола, со еден збор да ги подготвиме за она што ќе можат да го видат – изјави археологот Перо Арџанлиев, кустос-советник во Археолошкиот музеј, кој е еден од авторите на изложбата. Изработката на веб-страницата е дело на неговата колешка Даниела Кнежевиќ Богоевска, а реализирана е во соработка со сите кустоси од музејските тимови на партнерите во проектот. Говорејќи за содржината на веб-страницата, Арџанлиев укажува дека по воведот посветен на подготовките на изложбата, во делот посветен на историјатот на истражувањата, покрај текстуалниот дел, додадени се и архивски фотографии од истражувањата што ги воделе тимови археолози од трите земји.
– На овој начин, наедно им се оддава и почит на претходните генерации истражувачи за она што го направиле за овој значаен локалитет – рече меѓу другото тој. Презентираната хронологија на настаните на теренот преку зачуваните документи и фотографии, започнува од самото откривање на некрополата на 20 мај 1918 година, за време на реновирањето на патот од Охрид кон Кичево во последните месеци од траењето на Првата светска војна. Имено, како и што стои во текстот од веб-страницата, тој ден, на два километри јужно од селото Требениште, бугарската војска под команда на капетан инж. Георгиев го открила првиот гроб на некрополата со богати гробни прилози. Илија Ацев и Никола Даркев внимателно ги собрале гробните прилози, додека, пак, Димитар Мустаков и Евтим Спространов го известиле Националниот археолошки музеј во Софија за новото откритие од Требениште. По барање од Археолошкиот музеј бугарската команда на 6 јули 1918 година го испратила Карел Шкоприл да ги продолжи истражувањата близу Охрид и биле истражени уште 6 гроба. Резултатите од истражувањата подоцна ќе ги обработи и ќе ги објави Богдан Филов, еминентен бугарски археолог и политичар, во соработка со Карел Шкоприл. Наодите од овие ископувања денес се наоѓаат во Националниот археолошки институт и музеј при Бугарската академија на науките во Софија.
Втората фаза од истражувањата на некрополата Требениште се одвивала од 1930 до 1939 година, раководена од Никола Вулиќ, професор на Белградскиот универзитет. Тој заедно со Милован Кокиќ, кустос во Музејот на Скопје („Куршумли-ан“) започнале ископувања во 1930 г. во селото Горенци. Истражувањата се одвивале на просторот каде што биле откриени првите гробови. Во јули бил откриен гробот 8 и неговото пронаоѓање било објавено во дневниот весник „Политика“. Во текстот на веб-страницата е истакнато и дека ова сензационално откритие ја привлекло научната јавност и биле започнати нови проекти. По една деценија од истражувањата на Вулиќ на некрополата биле откриени шест богати и 9 сиромашни погребувања како и две погребувања под фортификацијата. Првите тематски изложби од оваа некропола биле направени во 1932 година во Националниот музеј во Белград, во павилјонот „Цвјета Зузориќ“. Наодите од овие истражувања се наоѓаат во истиот музеј.
Следната, трета фаза од истражувањата во 1953 и 1954 година, под раководство на Јоже Кастелиц од Националниот музеј во Љубљана и кустосот Васил Лахтов од Охридскиот музеј, се одвивала на локацијата Сува Чешма во непосредната близина на турските гробишта, при што се откриени десет т.н. „сиромашни гробови“. Во 1972 година, пак, е истражувано на локалитетите Сува Чешма, Три Чељусти и Вртуљка каде што требало да поминува трасата на регионалниот пат Кичево – Охрид. Под раководство на археологот Владо Маленко ископувањата ги изведувале Заводот за заштита на културното наследство во Охрид и Националниот конзерваторски центар на Република Македонија, а биле откриени 23 погребувања датирани помеѓу 7 и 4 век пр. н.е. Резултатите од овие ископувања се објавени во публикацијата „Три Чељусти и Вртуљка“ од страна на Паско Кузман, а наодите се наоѓаат во Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид. Изгледот на некрополата од 1957 година, според археолозите Васил Лахтов и Јоже Кастелиц, може да се види на презентираниот план на истата веб-страница.
Во нејзината галеријата со фотографии, укажува Перо Арџанлиев, се претставени „сите гробни целини дополнети со одлични фотографии на безвременските наоди откриени во нив“. Дел од содржината на веб-страницата е посветена и на откритието на локалитетот Горна Порта во Охрид (147 гроба поставени во хронолошка рамка од крајот на 6 век пр. н.е до 2 век пр. н.е меѓу кои особено се издвојува гробот 132), што по многу нешта, нагласува тој, е блиско и во релација со требенишките откритија. Веб-страницата содржи информации за сите планирани случувања за времетраењето на изложбата, за локацијата на Археолошкиот музеј, за цената на билетот, како и дел за нејзините спонзори. Според Арџанлиев „ги содржи сите неопходни информации за ’100 години Требениште‘“. Тој и во оваа пригода укажа дека оваа изложба е резултат на работата на тим од врвни експерти од повеќе области (кустоси, конзерватори, дизајнери, архитекти, фотографи и други) од Македонија, Бугарија и од Србија.
– Безрезервно ги вложивме своето знаење, искуство и труд, со еден збор се вложивме целосно за да оставиме трага во приказната, која со себе ја носат мистичните откритија пред 100 години во атарот на селото Требеништа. А она што ги очекува посетителите во изложбениот простор во ништо не заостанува зад светските музејски трендови на презентација на културното наследство. Вложени се многу труд, знаење и искуства од најразлични профили на еминентни експерти – изјави меѓу другото Арџанлиев.