Изложбата „Сценска тишина“ на Македонскиот народен театар се поставува онлајн во годината во која театарот ја слави својата 75-годишнина, период доволно долг за испишување историја и достојно одбележување, а светот, па со тоа и културата, се соочија со голема пандемија.
– Театарот остана без верната публиката, актерот не е на сцената, текстот е неизговорен, остана тишината. Изложбата „Сценска тишина“, во продукција на МНТ, претставува желба и мотив театарот да се врати на сцената каде што ѝ припаѓа, односно обид да се реконструираат претставите што се на тековниот репертоар на МНТ преку костими, сценографија и/или реквизити. Театарската претстава како нужно врзана за времето и просторот во кој се одржува, постои единствено во времето во кое се одигрува. Поради тоа денес сцената е празна, но останува театарската светлина, мигот/сеќавањето за погледната претстава и поттикот да се посети непогледнатата претстава.
Низ фотографиите и видеото на Драган Гајиќ се раскажува за моќта на актерот, концептот на режисерот, приказната на авторите и креативноста на авторите на сценографијата и на костимографијата – велат од МНТ:
Низ изложбата, работена по идеја и во реализација на Ивана Јарчевска и Мила Анѓелковиќ, прикажани се костими во кои играат актерите на МНТ, сценографиите на: Никола Тороманов, Илина Ангеловска, Свен Јонке, Костантин Трпеноски, Вишња Вујовиќ, Лоренцо Банчи, Владимир Жерновски и Валентин Светозарев; и костимографиите на: Марија Пупучевска, Илина Ангеловска, Снежана Пешиќ-Раиќ, Свила Величкова, Роза Трајческа-Ристовска, Ивана Каранфиловска-Угуровска, Александар Ношпал, Мануела Паладин, Лидија Георгиева, Кокев и Кадриу, Елена Пандева, Антонија Гугинска-Јорданоска и Елена Вангеловска.
Поради состојбата, изложбата е единствено достапна онлајн во вид на фотографии и како видео објавено на јутјуб-каналот на МНТ.