Изложбата „Тектонски пореметувања“ на македонскиот академски ликовен уметник Зоран Арсовски-Бабата ќе биде отворена денеска, во галеријата на Културно-информативниот центар на Македонија во Софија, од 18.30 часот. По успешното претставување на неговото најново творештво во три српски града, овој пат за публиката во бугарската престолнина Софија ќе бидат претставени околу шеесетина дела од неговиот најнов ликовен опус. Посетителите ќе имаат можност да ја видат оваа изложба до 28 октомври.
Зоран Арсовски-Бабата е роден 1980 во Куманово. Дипломирал 2005 година и магистрирал 2007 година на Националната ликовна академија во Софија, насока сликарство во класата на професорите Станислав Памукчиев и Божидар Бојаџиев. Член е на Друштвото на ликовните уметници на Македонија. Работи во Центарот за култура во Куманово, како стручен соработник за визуелни уметности, дизајн и архитектура. Има учествувано на повеќе групни меѓународни ликовни колонии, изложби, проекти, симпозиуми во земјава и странство.