Изложба посветена на монодрамата е отворена во Македонскиот народен театар. Присуството и силата на актерот, сите негови умеења и вештини, посветеност и сигурност се неизоставен дел и носечки елемент на она што ја прави монодрамата и/или дуо драмата. На репертоарот на МНТ низ годините, почнувајќи од 1974 и „Дневникот на лудиот“ со Владимир Светиев, па сѐ до последните „Последната лента на Крап“ на Ѓорѓи Јолевски и „Само глас“ со Звездана Ангеловска и Никола Ристановски, реализирани се дваесетина монодрами и дуо драми, кои се центарот на истоимената изложба поставена во фоајето на театарот.
Низ фотографиите, костимите и плакатите на изложбата „Монодрамите и дуо драмите на МНТ“ се забележливи два аспекта. Од една страна, тоа се монодрамите каде што е видлива посветеноста на актерот, кој кога е сам на сцената се развива, менува, остварува и/или зацврстува, и од друга страна, тоа се дуо драмите каде што се видливи комуникацијата и врската што ја создаваат двајца актери што на сцената, зависат еден од друг и атмосферата кога при интерпретацијата на ликовите се дополнуваат еден со друг.
Изложбата го прикажува актерот што е сам на сцената или со уште еден актер, борбите што ги водат сами со себе или со другиот, како и впечатокот што го оставаат кај гледачот. Тоа е секоја емоција, мимика, гестикулација и движење.
Изложбата е отворена за публиката што присуствува на тековните претстави на репертоарот на МНТ и онлајн, на страницата на МНТ.