Покрај филмската програма, филмскиот фестивал „Скопје синема сити“ најавува и претфестивалска програма на 6 јуни од 19 часот, која вклучува изложба на фотографии на истакнати македонски џез-музичари, на Татјана Ранташа насловена „Македонска џез-тетика“. Како дел од изложбата, свој настап ќе има квинтетот на Гоце Стевковски.
Татјана Ранташа е реномирана фотографка, која зад себе има над 15 години искуство и тоа најмногу со сценска фотографија. „Македонска џез-тетика“ е избор од фотографии од различни генерации на македонски џез-музичари почнувајќи од Џијан Емин, Гоце Стевковски, Алек Секуловски, па до Симон Киселички, Мишко Парушев и Владан Дробицки, од Трајко Велков, Бојан Шамба, па до Кирил Кузманов, Кирил Туфајхчиев, од Влатко Стефановски, Васил Хаџиманов, па до Тони Китановски, Кокан Димушевски и многу други.
Настапот на Гоце Стевковски со неговиот квинтет е дел од изложбата. Стевковски е основоположник на Здружението на џез-музичари, организатор на многубројни музички џез-карвани низ државата, интегрален член на многу антологиски музички состави и е главен промотор на џез-културата во Македонија.
Изложбата и настапот се дел и од филмската џез-програма на фестивалот. Иако фестивалот почнува со филмот за Руичи Сакамото, сепак на програмата се присутни филмовите „Приказна за современиот џез“, „Сан Ра: Братот од другата планета“, „Бил Еванс: Сеќавање на едно време“, кратки филмови за Зоран Маџиров и за Драган Ѓаконовски-Шпато.
„Скопје синема сити“ е фестивал за музички документарни филмови и се организира во Кинотека на Македонија од 6 до 10 јуни.