Изложбата посветена на 500-годишнината од смртта на ренесансниот мајстор Леонардо да Винчи, во парискиот музеј „Лувр“, ја посетиле 1,1 милион луѓе. Според управата на овој светски познат музеј, евидентираните 1.071.840 посетители говорат дека станува збор за „апсолутен рекорд за ’Лувр‘, а во оваа пригода е посочено дека претходниот рекорд со 540.000 посети го држела изложбата посветена на сликарот Ежен Делакроа.
– Прекрасно е што 500 години по неговата смрт, Да Винчи и понатаму фасцинира многубројна публика. Денеска сум горд на две работи. Прво, бидејќи успеавме да собереме најголем број од неговите дела, и второ, бидејќи публиката беше многубројна и различна – изјавил директорот на „Лувр“, Жан-Лик Мартинез.
Изложбата, која започнала на 24 октомври, можеше да се посети само со однапред резервирани влезници, а опфаќаше повеќе од 150 дела од италијанскиот мајстор. Од Италија се позајмени пет дела и две копии на дела на Да Винчи. Покрај „Витрувиевиот човек“ изложен во Венеција, на „Лувр“ му се позајмени уште четири цртежи на Да Винчи, како и две копии на негови дела изложени во Фиренца.
„Лувр“, сепак, не успеал да го убеди мистериозниот сопственик на делото „Салватор мунди“ („Спасителот на светот“) да им го позајми. „Салватор мунди“ на аукција во Њујорк е продадено по рекордна цена од 450 милиони долари во 2017 година. Покрај познатата „Мона Лиза“, позната и како „Џоконда“, „Лувр“ има уште четири дела на Да Винчи – „Мадона во карпите“, „Свети Јован Крстител“, „Портрет на дама“ и „Бахус“. Тие слики се реставрирани пред шест години.