Во портата „Македонија“ е отворена изложбата „Вибрации“ на „Галерија’73“, од Белград, Србија. Изложбата содржи дела во масло на платно и комбинирана техника на авторите Ирина Черњавски Шантриќ и Саво Рупиќ.
Во присуство на авторите, на отворањето на изложбата се обратија директорките на Музејот на македонската борба – Скопје и на „Галерија’73“, Даниела Николова и Мирела Пудар, а изложбата свечено ја отвори амбасадорката на Србија во Скопје, Душанка Дивјак Томиќ.
Ирина Черњавски Шантриќ и Саво Рупиќ се истакнати претставници на современата ликовна сцена од регионот со голем број самостојни и групни изложби. Македонската изложба е продолжување на соработката на Музејот на македонската борба со „Галерија’73“ од Белград, а публиката ќе има можност да ја види до 8 март, во галерискиот простор на портата „Македонија“.