Од печат излезе антологијата „Игропис“ во издание на Здружението за развој и едукација на културата и уметноста „Фуснота“.
Приредувач на книгата е Драгана Евтимова, а изработката на корицата и цртежите се на Владимир Лукаш.
Во антологијата „Игропис“ застапени се 22 македонски поети, како што се Ана Голејшка Џикова, Снежана Стојчевска, Владимир Лукаш, Слаѓана Атанасова, Лидија Димковска, Маја Којчева, Звонко Танески, Елена Пренџова, Митко Гогов, Биљана Стојановска, Николина Андова Шопова, Жарко Кујунџиски, Исток Улчар, Наташа Сарџоска, Гаврило Миловановиќ, Јулијана Величковска, Зоран Радичевски, Никола Маџиров, Душко Крстевски…
Авторите се од различни генерации, а дел од нив беа учесници на меѓународниот проект „Шири поезија, не страв“.
Антологијата „Игропис“ е обид да се направи хибридна форма на книга, каде што сликата се обидува да се соедини со зборот. Овој вид на медиум – порака е начин да се направи вкрстена естетска вредност, еден вид социјален експеримент, што претставува метафора за различни предмети со вкрстено значење, како на пример: визитки, бонови, покани за свадби, флаерчиња со рекламна содржина, лажни банкноти, свитоци за молитва, поштенски дописи, делови од сложувалка и слично.
Која беше целта за создавање на ваквиот тип антологија? Преку поезијата на различни автори целта е да се изрази и развие свеста за медиум-порака, односно да презентира лична приказна. Цртежите се минијатурни реконструкции на Владимир Лукаш да се направи вкрстена конструкција за соединување порака. Овој социјален експеримент има за цел да експериментира со различните ракописи и да создаде свест за вкрстено читање на различни текстови преку цртеж. Целта е промовирање на поезијата, надвор од границите на обично, секојдневно читање поезија.