Пред празникот над празниците, Христовото воскресение – Велигден,
од печат излезе монографијата „Иконата на Бистра, закрилник на православието“, единаесетто книжевно дело на Киро Кипроски, доајен на македонското новинарство и публицист, долгогодишен новинар на весникот „Нова Македонија“, од 1968 година.

Издавач е Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“ – Ростуше. Монографијата е посветена на 25-годишнината од возобновувањето на монашкото братство во Бигорскиот манастир, а по повод прославата на големиот јубилеј 1.000 години од оснивањето на Бигорскиот манастир, што се одржа на крајот на минатата година.

Во сите изминати години колегата Кипроски, како ревносен хроничар ги бележи сите настани и случувања, за подемот на монашкото братство во Бигорскиот манастир и на сестринството во Раичкиот манастир „Св. Ѓорѓија Победоносец“, метох на Бигорскиот манастир, за враќањето на богослужбите и литургиите во црквите и манастирите, за обновувањето на постојните цркви и манастири и изградба на нови црковни градби во
регионот на Долна Река и Мијачијата.

Промоцијата на монографијата „Иконата на Бистра, закрилник на православието“ се планира да се одржи во средината на идниот месец, во Бигорскиот манастир.