Во издание на,,Везилка 2011“ излезе од печат новата книга на македонскиот поет Ристо Лазаров,,Лилјаци“. Оваа обемна книга, на 172 страници, е структурирана како и последните десетина книги на овој автор (седум циклуси по седум песни плус една воведна песна) и интензивно комуницира со стварноста.
Во поговорот на книгата, писателот Васе Манчев подвлекува дека сета поетска уметност на Лазаров е длабоко и цврсто втемелена во објективната реалност.
– Наспроти императивниот реализам на поетот Лазаров, оваа негова книга посебно значајна и занимлива ја прави и впечатливо присутната фантастика, од елементи до развиени облици, речиси во сите песни.
Но нужно е да се нагласи дека таа фантастика, во оваа негова книга посебно, не е интендирана, ниту однапред планирана, подготвена и вградена во чистото реалистичко ткиво, туку настанува и се пројавува како резултат на новооткриените и изменетите значења на зборовите, синтагмите и стиховите во самите песни, во дури најнеочекуваните споеви со нив – вели Манчев.
Во,,Лилјаци“, го завршува својот предговор Васе Манчев, точно се знае што се пее, за што се пее, какво е секое значење во уметничката комуникација и зошто поетското дело е богата уметничка повеќезначност. Со таква творечка постапка, со толку скапоцени плодови од неа, Лазаров постигнува творечки нивоа високи колку највисоките постигања на многу поети чии дела се во врвот на светската книжевност.