Дали верувате во урбани легенди? Што ако дознаете дека сите урбани легенди се вистинити и дека има агенција чија главна задача е да го испитува паранормалното? Токму тоа е Агенцијата за Опсервација, Транспорт, Лабораторија и Контрола – ОТРАЛКОН, чии документи беа главниот предмет на интерес во интерактивната книга Урбанон: Тајните Документи на Марио Савовски во издание на Современост, која излезе минатата година.
Оваа година пристигнува продолжението во форма на првата македонска друштвена игра со улоги (tabletop role-playing game) Урбанон: Прирачник за Агенти, чија промоција ќе се оддржи на 20 декември во „Beertija Pub“, со почеток во 20 часот.
Играта е уникатна интерактивна приказна со повеќе играчи и еден контролор (Game-Master). Таа воглавно се игра со разговарање помеѓу играчите и со фрлање на коцки. Секој играч има свој лик претставен на лист хартија, исполнет со информации и атрибути. Преку тој лик, играчот има удел во здружената приказна во која се наоѓаат сите играчи. Секој играч носи одлуки за својот лик и со тоа влијае на останатите ликови, менувајќи го самиот тек на приказната.
Преку прирачникот, авторот Марио Савовски ги повикува играчите да навлезат во светот на ОТРАЛКОН, за да станат агенти и да истражуваат урбани легенди низ целата територија на Македонија.