В сабота во зградата на старата електрична централа во Љубљана, Словенија (Stara mestna elektrarna), со почеток од 21 часот, ќе биде изведен перформансот „Оваа зграда зборува (на)вистина” во рамки на 24. издание на еден од најзначајните фестивали во Европа, меѓународниот фестивал за перформативни уметности „Млади Леви”.
„Оваа зграда зборува (на)вистина” е перформативна инсталација за историјата на Скопје во размер 1:100, која ја доби главната награда Златна Трига на Прашкото квадриенале за перформанс дизајн и простор во 2019 година и оттогаш гостуваше на повеќе меѓународни фестивали како МОТ во Скопје и БИТЕФ во Белград.
Перформансот – инсталација е на авторот Филип Јовановски, визуелен уметник и активист, кој ги трансформира политичките и општествените категории во уметнички просторни слики и се залага за зачувување на важноста на јавното и јавниот простор, преку комбинација на различни форми на сценографија: простор, сцена, изложба, меморија, заедница и комуникација.
Перформансот е куриран од Ивана Васева, а е во изведба на актерката Кристина Леловац, чија брехтовски инспирирана нарација ја води публиката низ едно кондензирано искуство за Железничката зграда во Скопје или за Скопје кое претпре длабока трансформација во изминатите децении, со потсетување дека модернистичкиот просторен менталитет е под закана да се избрише од секој град. Всушност „Оваа зграда зборува (на)вистина” може да биде перформативна инсталација за историјата на било кој град кој се соочува со бришење на трагите на колективноста, солидарноста и одговорноста како резултат на неолибералните политики.
„Оваа зграда зборува (на)вистина” е продуциран од Музеј на град Скопје во соработка со организацијата Факултет за работи што не се учат – ФР~У специјално за Прашкото квадриенале а за гостувањето во Љубљана продуцент е Емилија Чочкова со техничка поддршка на Иванчо Велков.
Меѓународниот фестивал „Млади Леви” е еден од најистакнатите годишни настани на Институтот Бункер, кој ги претставува најактуелните изведувачи и современи прогресивни перформативни практики од целиот свет во Љубљана секое лето од 1998 година.
Изведбата на ,,Оваа зграда зборува (на)вистина” на „Млади Леви” во Љубљана е дел од годинешното, шеснаесетто издание на АКТО Фестивалот за современи уметности кој е во организација на Факултет за работи што не се учат – ФР~У. Целосната програма на 16. АКТО ќе биде дополнително објавена а во моментот ФР~У во соработка со Арт проект лаб работи на нов продукција, перформанс за Централната зграда на Македонска пошта, чија премиера се очекува при крајот на септември.