Поетесата Ива Дамјановски за нејзината книга „Двоумење“ („ПНВ Публикации“) е најмладиот добитник на наградата „Браќа Миладиновци” што ја доделуваат „Струшките вечери на поезијата“ за најдобро поетско издание меѓу два фестивала.
Жири-комисијата (Ангелина Бановиќ Марковска, Анастасија Ѓурчинова, Соња Стојменска Елзесер, Душко Крстевски и Никола Маџиров) ја оценија книгата како необичен нов глас во македонската поезија, кој е автентичен и свеж, неверојатно ритмичен и луциден, со едноставен и силен израз.
Ова е втора книга на Дамјановски. Нејзината прва книга „Тие“ („Блесок“, 2017) е добитник на наградата „Игор Исаковски“ за најдобар дебитантски ракопис. Книгата има и второ, дополнето издание во 2019 година од „ПНВ Публикации“.
Дамјановски е родена во 1996 година и е дипломиран пијанист на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Вие сте еден од најмладите добитници на наградата „Браќа Миладиновци“. Какво е чувството да се биде рамо до рамо со Петре М. Андреевски, Славко Јаневски, Ацо Шопов…?
– Искрено, прекрасно. Морам да признаам дека сè уште сум малку во неверување дека „Двоумење“ успеа да си најде место меѓу делата на великаните на нашата поезија, но сум пресреќна и горда. Ова е огромна чест за мене, а особено како најмлад добитник на наградата е и голема одговорност. Сепак, спротивно на стереотипите за новите генерации, мислам дека сум дел од младина која не се плаши од одговорност, туку напротив, со задоволство одбира да ги преземе како своја должност, со цел да се твори и подобрува светот.
Поезијата нема возраст. Меѓутоа, и покрај тоа, наградата одамна не била доделена на млад автор. Овојпат се влеа надеж кај помладите автори дека она што тие го творат може да биде забележано и високо вреднувано. Мотивираат ли наградите за она што ќе се создава понатаму?
– Да. Оваа награда особено ми значи бидејќи ја чувствувам како симбол на доверба во младите и слушање на нивниот глас. Многу ми значи освртот на комисијата кон книгата, нивните зборови ме трогнаа и ова е голем поттик за да продолжам да пишувам.
Книгата е одбиена од конкурсот на Министерството за култура, затоа што тогашната жири-комисија проценила дека објавувањето на збирката не е од национален интерес, за потоа да ја добиете најпрестижната национална награда за поезија. Во вашата поезија често како мотив се провлекува парадоксот на општеството. Колку инспирира пајакот што фатен во сопствената мрежа мора да се изеде сам себе?
– Хах, веќе мислам дека некаде споменав дека една од најинспиративните работи за мене е гледање вести, веројатно апсурдот на општеството е секогаш интересен за уметникот со својата трагикомичност. Но, јас сум сепак оптимист, дека уметноста не може да биде спречена, ниту од економските, ниту од општествените услови и иако можеби ќе ѝ треба подолго време, ќе излезе на површина. И тоа и се случува, благодарение на оние што сакаат да ја слушнат. Многу сум им благодарна и на „ПНВ Публикации“ кои веруваа во мене и „Двоумење“ уште од самиот почеток, вложија многу и кои, и меѓудругото, ја пријавија книгата на конкурсот во мое име. Ова беше моја втора прекрасна соработка со нив.
Во книгата лирскиот субјект светот го гледа со очи на дете, ама од позиција на возрасен, чија детска душа сè уште не е изгубена. Колкава штета си прави човекот себеси кога престанува да гледа со детски очи?
– Огромна. А мислам дека се работи за едноставно губење на идеалите, помирување и правење компромис со околината во која идеалите не преживуваат. Но, мислам дека уметникот не смее да ја изгуби оваа тврдоглавост и да го потсетува светот постојано за својата убавина.
Во меки камења можеш да ископаш голема дупка, велите во една песна. Како се пополнуваат дупките направени во меките души?
– Таа песна е мала критика за човечката потреба да се групира, кога се плаши да застане цврсто како инвидуалец, што пак на самиот крај е токму она што ќе го раздели од останатите. А, што се однесува до меките души, ако добро го разбирам изразот, сметам дека, иако парадоксално, нежноста е најсилното оружје против штетата која може да ја направи суровоста на светот.
Во песните провејува асолутен оптимизам, но и апсолутен песимизам. Како е да се живее помеѓу?
– Малку напорно, но никогаш досадно. Парадоксите и дуализмите ме фасцинираат и иако можеби е тоа само моја лична карактерна особина ги сакам и барам крајностите. Ме интересира дали е возможно крајностите да се врзат во чвор и некако циклично да постојат симултано. Не ме интересираат многу умерени нешта, туку во принцип барам сè поинтензивни емоции. А, што се однесува до песимизмот и оптимизмот, мислам дека мора да се биде свесен за сè она што е страшно и лошо околу нас, за навистина да се има надеж, која на тој начин е дотолку посилна.
Победувам
Ќе се изгубам,
но нема да изгубам.
Летам како случајна птица,
имам повеќе лица
и ја кажувам вистината.
Мојата приказна ќе биде прекината.
Јас уништувам,
јас повредувам
и победувам.
Револуцијата има само една боја –
црвена
и секогаш кога доаѓа
ги бои улиците со срам.
Јас и ти шлапкавме во крв,
ни досегаше до глуждовите
кога се бакнувавме.
Вистината и лагата
секогаш се бакнуваат
во време на револуција.
Јас останувам,
не престанувам,
напредувам
и победувам.
Ќе се изгубам,
но нема да изгубам.
Јас имам вроден талент
за умирање
и вешта сум во тоа да ме нема
и моето место ќе го земат
и моето месо ќе го земат
и додека црвите ми ги јадат очите
јас прогледувам
и победувам.
Ќе се изгубам,
но нема да изгубам.
Јас победувам,
јас законите ги одредувам.
Како осуденик на смрт
со цигара и превез на очите
јас пребледувам
и победувам.
Јас новото време го одгледувам.
Јас доведувам,
јас одведувам
и победувам.
Ништо не давам,
се давам,
се предавам,
сите богови ги навредувам
и победувам.
Ќе се изгубам,
но нема да изгубам.
Јас љубам.
Јас повредувам,
јас заведувам
и победувам.
Победувам.
(од збирката „Двоумење“)