По најавените образовни реформи
Живееме во време на брза и бурна трансформација, која се огледува во збогатување на вокабуларот, знаењата, образовната технологијата и информациите, поради што сѐ поинтензивни се идеите и начелата на плурализмот и интеграцијата. Грижата за духовната музичка и ликовна култура и квалитетен живот станува сѐ поголема. Музиката е извор на емоции и естетски доживувања со далекосежно влијание на човековото битие уште кога детето е во мајчината утроба. Музиката на детето му внесува емотивна топлина, радост, среќа, задоволство, душевен мир, ја збогатува неговата духовна и музичка култура, сегменти мошне значајни за неговиот психофизички интегритет. Музиката придонесува за развој на интелектуалните и творечките музички способности на ученикот и за формирање позитивни ставови и вредности. Уште древните цивилизации ја сметале музиката за моќно средство што може да го промени карактерот на поединецот и да влијае на масите во животот и работата.
Музичкиот ненадминат великан Лудвиг ван Бетовен за моќта на музиката вели: „Музиката е откритие повеќе од сите мудрости и филозофии. Таа го облагородува и усреќува човекот и му развива љубов не само кон убавото туку и кон општеството“. Последната декада од 20 век е позната како декада на испитување на улогата на музиката во развојот на мозокот на учениците. Научниците откриле дека класичната музиката придонесува за развивање на десната хемисфера, а свирењето инструмент придонесува за развој на левата.
Како е во другите земји? Музичкото образование во Унгарија е дел од училишниот систем над 1.100 години. Програмата е опширна и детална, бидејќи Унгарците веруваат дека музиката е фундамент за образованието на децата. Учениците имаат два часа музичко и еден час хорско пеење седмично. Во наставната програма во музичкото образование имаат вклучено и вештини за слушање музика. Учениците имаат можност да научат да свират на некој инструмент. Унгарските наставници мошне веруваат оти постои директна комуникација помеѓу музиката, математика и природните науки.
Јапонците, пак, кога ја спознале вредноста на музиката, наставната програма ја усовршиле проучувајќи ги унгарскиот музички систем и јапонската музичка културна традиција и создале најдобри наставни програми. Во Јапонија децата учат музика од својата трета година, според методите сузуки и јамахаки.
Во Холандија во 1968 година, музичкото образование е воведено со два часа од предучилишно до завршно средно образование. За упис на факултет секој кандидат полага приемен испит по музичко и ликовно образование. Ако го положат приемниот испит, можат да се запишат на факултет.
Во САД, кога во наставниот план биле воведени по два часа седмично, успехот значително се подобрил. Во Масачусетс, во училиштето „Џон Елиот“, кога ја прашале директорката кој предмет ѝ е најважен, таа без да размислува рекла музиката, музиката ги преобрази учениците, го подобри успехот.
Користејќи ги светското и европското искуство како искусен музички педагог, кој 20 години работел како наставник по музика во основно училиште и 20 години како самостоен советник по музика во Педагошкиот завод на Македонија, сметам дека со новата реформа не треба да се брза. По поширока јавна расправа за нејзиниот квалитет во стручните фели, сумирање резултати од јавна расправа и експеримент на нејзина примена, изработка на дидактички средства, динамика на примена на новата програма. Дали ние треба да го следиме примерот на најразвиените земји во светот, во кои музичкото и ликовното образовани се примарни предмети во образованието? За жал, кај нас во предлогот на „реформската комисија“ овие два премета се деградирани.
Проф. Тоде Радевски