Во Галеријата на Тутунска банка се изложени фотографии на тројца млади пензионери
Фотографот Александар Кондев, кој е куратор на актуелната изложба на тројца фотографи отворена во Галеријата на НЛБ Тутунска банка, во рамките на годинешново „Скопско лето“, ја нарекува оваа позната манифестација „наш културен феномен сам по себе“.
– „Скопско лето“ ги откри скриените простори и ги направи отворени сцени, каде што се одигруваа автентични театарски и балетски претстави (Градски парк, Учителска школа, кејот на Вардар, Кале), но она што е битно е дека секоја година дава нови и оригинални концепти во визуелната уметност – вели Кондев.
Тој посочува дека изложбата „Тројца фотографи“ е посветена на културното творештво на економистката Мимоза Чолак и на двајцата архитекти Мирослав Марина и Кирил Михаилов од Скопје.
– Посветена им е на творештвото на луѓето што го минале својот активен работен век, а пензијата не им станала пречка во нивните креативни активности. Напротив, им дала можност повторно да ги откријат творечките предизвици во себе, да креираат и да ги збогатат нашата култура и секојдневие со уметнички дела – вели меѓу другото кураторот.
Тој во каталогот за изложбата нагласи дека тројцата автори, преку своите фотографии, не само што ни го даваат своето гледање на нештата околу себе туку истовремено ни покажуваат оригиналност во пристапот, висок естетски дострел, авторски оригинален по темата, техничката обработка и содржината.
– Но ако малку се дистанцираме од професионалните гледишта, изложбата има и еден друг значаен момент, кој во овие бурни историски години ние не го согледуваме, а тоа е дека Скопје има душа. И тоа творечка душа. Овие тројца автори не се исклучок. Во Скопје има луѓе што творат без разлика дали се пензионери или не, без разлика дали имаат или немаат работа, тивко, скриени во својот свет, ненаметливо. Така го чувствуваат тоа, зашто културата и творештвото се дел од човечката природа, а градскиот човек сепак е посилен од мас-медиумите, кои се трудат да го унифицираат човечкото размислување и да му наметнат шеми и предубедување – вели кураторот, изразувајќи им по овој повод и поддршка на сите граѓани творци и укажувајќи дека „творештвото е оној супстрат што го создава и оформува духот на градот, му дава душа и препознатливост“.
Мимоза Чолак вели дека оваа изложба е всушност првата каде што таа самостојно изложува фотографии.
– Зад секоја фотографија стои некоја приказна поврзана со нејзиното создавање и чинам дека таа се завршува со печатење и врамување на фотографијата. Но јавното презентирање на авторот му дава едно нивно ново доживување и морам да кажам дека тоа е пријатно искуство, особено кога публиката реагира позитивно. Но, сепак, во основа на моето хоби е задоволството што го имаме во процесот на креирање на фотографијата – вели таа.
Својата 50-годишна поврзаност со фотографијата Мирослав Марина ја опишува како многу долга и верна.
– Всушност, надвор од семејството фотографирањето, обработката и оформувањето на фотографијата ми заземаат голем дел од времето. Кога сум со камера под мишка надвор или во затворен простор, ме интересираат најразлични теми, а најголемо внимание им посветувам на луѓето. Сепак, човечките ликови, женски, машки или деца – како портрети или цели фигури, се во центарот на моето внимание и најчесто ги доловувам во нивните природни средини. Сакам да ги работам и презентирам во црно-бела техника, но некои мотиви, особено пејзажите, се најдобри во колор. Оваа изложба содржи само мал дел од моите фотографии, а заедно со другите двајца автори сакаме да ѝ покажеме на јавноста дека зрелите години не се пречка за авторско творење, туку спротивно – времето ослободено од работни обврски ни овозможува активирање на сите желби и идеали за дружење и играње со фотоапаратот – укажува Марина.
И Кирил Михаилов истакнува дека првпат учествува на изложба со свои фотографии и дека за него тоа е ново искуство и доживување.
– Големата посетеност на отворањето остави силен впечаток кај мене, што ми дава мотив и обврска да продолжам со моето хоби, фотографирањето, со уште поголема посветеност. Со фотографија се занимавам долги години, и кога отидов во пензија продолжив. Кај мене преовладува спортската фотографија, која најверојатно е детерминирана од мојата љубов кон авто-мото спортот. Сѐ додека можам да го држам фотоапаратот во раце ќе фотографирам – истакна Михаилов.