Доделување на наградата „златна лира“ и концерт на триото „Аура“ ќе се одржат вечерва, во 20 часот, во Музејот на македонската борба. Триото го сочинуваат: Страшо Темков – флејта, Марјан Милошевски – фагот и Ана Гацева – пијано, а на концертот ќе бидат изведени композиции од Ш. Лефебр, Јан Коетсиер, Кокан Димушевски и Астор Пјацола.
Гацева и Милошевски работат како професори на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Имаат реализирано многубројни рецитали како солисти и камерни музичари во Америка, Франција, Германија, Австрија, Англија, Бугарија, Азија, Африка, Србија, Словенија за кои добиваат позитивни оцени. Критиката ги нарекува мајстори на својот инструмент, а поради забележителните концерти во својата земја и во странство, тие несомнено се вбројуваат меѓу најдобрите и најактивни музички изведувачи во Македонија.
Триото има долгогодишна и богата концертна активност, изведувајќи дела од сите музички епохи и стилови. Триото често промовира премиерни дела од македонски композитори, напишани специјално за овој состав. Нивното заедничко камерно музицирање го карактеризира изразено чувство за експресивност, музичка симбиоза и компактност на звукот и изразот.
Пред концертот, Сојузот на музичките уметници ќе ја додели наградата „златна лира“, која традиционално секоја година се доделува за успешна работа во годината претходно, како и за животно дело. Оваа година, „златна лира“ ќе добијат баритонот Горан Начевски (за особени достигнувања во 2018 година) и контрабасистот Велко Тодевски за животно дело.