На филмскиот фестивал во Венеција, Златен лав беше доделен на филмот „Џокер“, на Тод Филипс, а главната награда од жирито ја доби Роман Полански за филмот „Офицер и шпион“.
Филмот „Џокер“ на режисерот Тод Филипс, со Хоакин Финикс во главната улога, првпат, во пресрет на официјалната премиера најавена за 3 октомври, е прикажан на филмскиот фестивал во Венеција и оттогаш сите претпоставуваат дека ќе биде еден од главните кандидати за освојување награди.
Една од главните причини за толкаво воодушевување кај критичарите и публиката секако е и Хоакин Финикс, кој совршено го доловил озлогласениот јунак, ментално нестабилниот комичар Артур Флек, што не било нималку лесна задача. На насмевката на Џокер работел со месеци, а за потребата на филмот изгубил 23 килограми.
На почетокот на фестивалот големо внимание предивика влезот во главна конкуренција на новиот филм на Роман Полански, „Офицер и шпион“, снимен за аферата „Драјфус“ која во 19 век ја потресе Франција.