На 26 септември годинава, на Саемот на книгата и виното, кој традиционално се одржува во еден од најубавите замоци во Бургундија, од срцев удар на 73-годишна возраст ненадејно почина Дени Тилинак, голем француски романсиер, есеист, поет, публицист и голем пријател на Македонија. Веста се рашири со секавична брзина низ цела Франција и низ сите континенти, бидејќи Дени Тилинак, како еден од основачите на Меѓународната организација на франкофонијата, имаше пријатели на сите континенти, а францускиот јазик сè уште го доживуваше како да е јазик на кој се учи перманентната револуција на погазеното човечко достоинство. Во неговиот поглед на нашиот денешен свет, сѐ уште одекнуваа зборовите на Жан Жак Русо, како да се изречени ова утро во глобално загрозената планета: „Човекот се раѓа слободен, а насекаде е во окови!“
Книжевниот теоретичар Симон Леис во една од своите најпознати книги за феноменологијата на светската литература во модерната историја вели дека првата реченица или првата страница во антологијата на светскиот роман е исто како увертирата во операта и ве воведува во еден непознат простор, во кој ќе ги откриете силата на јазикот и имагинацијата и ќе чувствувате како светот се пресоздава пред вашите очи.
Во својот познат роман „Погледнувам повторно во самите нас“ (2008) Тилинак ја избра Македонија, поточно градот Битола, како појдовна точка од која ќе започне романот: „Со само еден поглед на главната улица во Битола, Широк сокак, можете да ја видите европската и светската историја низ слоевите од антиката и средниот век до Првата светска војна и од тогаш до денес“.
Во неговата интернационална потрага по почетни точки во романескните истражувања, Македонија и Битола добија почесно место. Како што беше истакнато во коминикето на Елисејската палата и во декларацијата на претседателот Емануел Макрон по повод заминувањето на Дани Тилинак од животната сцена, уште од неговата рана младост во неговиот роден град во познатата француска област Корез, тој изгради долгогодишно пријателство со претседателот Жак Ширак, кој исто така потекнува од Корез и го назначи за личен претставник во франкофонијата, по неговиот избор за претседател на Франција во 1995 година.
Со оглед на тоа дека бевме заедно членови на уметничкото жири на Интернационалниот филмски фестивал на франкофонските земји, што се одржуваше секоја година во неколку кина на Елисејските полиња, каде што ги откривавме духовната и судбинската близина на многу различни народи и култури од различни меридијани, јас во неговата бескрајна енергија го открив вечно жедниот ерудит по мистериите на непознатото. Во интелектуалните и дипломатските кругови и повеќето презентации на македонската култура во Франција, се зборуваше дека токму Дени Тилинак одигра клучна улога за македонофилијата на претседателот Ширак и во афирмацијата на македонскиот идентитет во европската културна меморија.
За време на прославата на 100-годишнината од објавувањето на првиот македонски весник на француски јазик „Мувмон маседониан“ (1902-2002) и поставувањето на мермерната плоча на булеварот Распај во срцето на Париз, во присуство на Бутрос-Гали и Роберт Бадинтер, токму Тилинак го подвлече фактот дека македонската интелигенција со дваесетина весници на француски јазик, низ повеќе европски метрополи од крајот на 19 век и периодот помеѓу двете светски војни, докажува дека оваа мала нација на Балканот, на француски јазик сонувала за својот европски сон и за својата историска определба да стане дел од европската заедница.
Есента 2004 г., Тилинак беше иницијатор на симпозиумот „Глобална франкофонија и иднината на човештвото“ што се одржа во повеќе македонски градови (Битола, Охрид, Тетово) и на кој учествуваа истакнати уметници од Европа, Азија, Африка и од Латинска Америка. Зборовите на Тилинак дека Македонија е симбол на универзалната љубов во балканска Европа ќе останат врежани во нашата меморија засекогаш, а неговите фасцинации со „Свети Пантелејмон“ во Нерези, „Свети Ѓорѓи“ во Курбиново и со „Света Софија“ во Охрид ги пренесе на сите меридијани во неговата визија дека франкофонијата е „Империја на духот во која сонцето никогаш не заоѓа“.
Токму Тилинак пред враќањето од Македонија предложи објавување на научниот зборник „Франкофонија на Балканот“ во издание на древната издавачка куќа „Француската документација“. Во ова ексклузивно издание се објавени портрети на плејада македонски франкофони, како: Григор Прличев, Гоце Делчев, Крсте Мисирков, од гемиџиите до Ганчо Хаџи Панзов, кој животот го положува во Мадрид за време на Шпанската граѓанска војна со својата поетска книга на француски јазик пронајдена покрај неговото мртво тело, „Ќе се вратам Жанета – Влегувањето на Македонија во Европа е нејзино извојувано право на судбина“. Предминатата пролет, Тилинак ме покани во неговата родна куќа во селото Ориак, во Корез, каде што помеѓу многуте артефакти донесени од различни точки од светот ја видов малата икона „Доењето на Исус“, од „Св. Богородица Заумска“. Јас останав без зборови, а Дени ми рече: „Европа ќе биде ништо без своите цркви и манастири и без божјата љубов што е израз на покрстувањето на континентот, кое започнало со визијата на св. Апостол Павле – Ако љубов немаш, ништо немаш!“ Така, Дени Тилинак зборуваше за минатите, сегашните и идните генерации.
Јордан Плевнеш