Сликарот Џејсон Полан, најпознат по обидот да наслика портрет на секој жител на Њујорк, плоден автор и миленик на ликовната сцена во Њујорк, почина во 37-та година од животот, по боледување од рак. Публиката му се поклонуваше на неговиот талент и амбиција, особено откако го започна проектот „Секоја личност во Њујорк“. Десет години секој ден ги црташе минувачите и изработи 3.000 портрети.
– Можно е да ве портретирам, вие да не го знаете тоа, а вашата слика да ја објавам на социјалните мрежи – им кажуваше на минувачите.
Сличен проект изведе и обидувајќи се да го наслика секој што ќе го посети Музејот на модерната уметност. Цртежите во 2015 година беа издадени во книга, а по тој повод МоМА му приреди и изложба. Полан е роден во Мичиген и студирал на тамошниот факултет, а во 2004 година дипломирал антропологија и уметност. Наскоро се сели во Њујорк и на сцената се пробива како дизајнер, а првата самостојна изложба ја имаше во 2011 година во галеријата „Николас Робинсон“.