Македонското литературно небо остана без поетесата Виолета Сековска (59), која почина ненадејно во средата. Сековска беше дипломирана библиотекарка, а поезија почна да пишува активно во 2011 година, кога ја објави првата стихозбирка „Македонија“ и сѐ до крајот на животот многу инспиративно пишуваше за својата татковина.
– Во името на земјата пишувам патриотска поезија, во името на Бог пишувам духовна поезија, во името на љубовта пишувам љубовна поезија – велеше Сековска, која е авторка на стихозбирките: „Срна и елен“, „Јас постојам“, „Вени“, „Петти елемент“, „Созерцание“, „Воскресение“ и „Бисер“. Ја издаде и книгата со детска поезија – „Светот на Јаков“.
Сековска беше организаторка на голем број хуманитарни и културни манифестации, меѓу кои на поетско-музичкото шоу „Со љубов кон Македонија“ и на хуманитарниот концерт за деца со посебни потреби „Од децата за децата“, а беше пратеничка и во Светскиот македонски конгрес. Добитничка е на повеќе награди, меѓу кои и за поет на годината и за најдобра песна во Македонија, Србија, Хрватска. Гостуваше повеќепати на македонските културни денови во Шведска, Данска, Албанија и во Црна Гора. За Сековска поезијата беше животен мотив, но и начин да ги соопшти своите мисли за татковината, семејството, човекот…