Пабло Казалс (29.12.1876 – 22.10.1973) бил врвен, брилијантен виолончелист. Верувал дека музиката е божествен начин на срцето да му се кажат прекрасни поетски мисли. Бил вљубен во свитите за соло-виолончело на Бах и успеал, со своето толкување на овие капитални дела од музичката литература, да создаде впечаток на повеќегласие, на мелодија збогатена со повеќеслојност. Но иако бил еден од најголемите виолончелисти на дваесеттиот век, иако никој пред него, а ни потоа, не бил подобар експерт за Бах, Казалс никогаш не ја напуштил својата навика да ги вежба сите шест свити секој ден, по неколку часа на ден. Не дека не бил задоволен од своето свирење, не дека публиката не го дочекувала со овации… бил задоволен, публиката (заслужено) го обожавала, но тој сакал уште, сакал повеќе, сакал секогаш подобро. Ѝ го должел тоа на музиката, си го должел себеси. Бил сестрано образован човек, бил музичар со ретко совршена техника, но не се занесувал само со виртуозноста и со доследното толкување на текстот. Секое дело што го отсвирел било облагородено истовремено со раскош и едноставност, било интерпретирано со длабока посветеност и емотивност. За Казалс музиката била живот, а животот ѝ го посветил на музиката.
И во „златните години“, во своите осумдесетти и дури и деведесетти, останал верен на музиката и на осознавањето на животот. Во едно интервју рекол: „На претходниот роденден наполнив 93 години. Не сум млад, се разбира. Всушност, постар сум отколку кога имав 90. Но годините се релативна категорија. Ако продолжам да работам и да ја впивам убавината на светот околу мене, ќе сфатам дека годините не значат дека стареам. Барем не во традиционалната смисла на зборот. Многу работи ги чувствувам многу поинтензивно од претходно и за мене животот станува сѐ повосхитувачки.“ Запрашан зошто уште секојдневно вежба, одговорил: „Затоа што мислам дека напредувам“.
Лада Шоптрајанова Петровска