Годинашните истражувања се концентрирани на ритуалните форми карактеристични за средновековните погребувања, како и на подоцнежните архитектонски фази во рамките на неолитската населба
Почнаа истражувањата на археолошкиот локалитет Врбјанска Чука кај Славеј, Прилепско. Ова е петта година во која Центарот за истражување на предисторијата, Заводот и музеј – Прилеп и Институтот за старословенска култура, заедно со повеќе европски институции, го истражуваат локалитет, проучувајќи ги материјалната култура, архитектурата, стопанството, обредите и природната околина карактеристични за неолитот, антиката и за средниот век.
– Годинашните истражувања се концентрирани на ритуалните форми карактеристични за средновековните погребувања, како и на подоцнежните архитектонски фази во рамките на неолитската населба. Како резултат на тоа, уште во првите денови на теренската работа се регистрираа уникатни средновековни фунерарни контексти и специфични елементи на најдоцнежните неолитски градби во населбата. Тие натамошно детално ќе се проучуваат и споредуваат со резултатите добиени од претходните археолошки кампањи. Паралелно со теренското ископување се врши и обработка на археолошкиот материјал што овозможува темелен увид во животот на средновековното население и неолитските популации што живееле и биле активни на оваа тумба.
Исто така се земаат примероци за археоботанички, микроморфолошки, геолошки и радиокарбон анализи, кои ќе се изведуваат во периодот што следува по археолошкото ископување – велат од Центарот за истражување на предисторијата.
На тој начин археолозите велат дека ќе се добијат темелни податоци за различните етапи на функционирање на овој локалитет, кои ќе бидат публикувани во неколку македонски и светски научни списанија.
Неодамна беше објавен труд во реномираното списание „Антиквити“ од „Кембриџ“, во кое беа сумирани сознанијата од минатогодишното археоботаничко проучување на археолошките контексти и органските остатоци од неолитските градби во Врбјанска Чука.