Во конкуренција од 500 сценарија, телевизиската мрежа ХБО го избра ценариото за серијата „Успех“ на скопјанецот Марјан Алчевски
„Успех“ е телевизиска серија, која „Ејч-би-о адрија“ ја снима во Загреб, и првпат во регионов се собираат голем број актерски имиња од Хрватска и од соседните земји. Деновиве завршува и последната клапа од снимањето, а според реакциите на многумина со нетрпение се чека да се пушти серијата во етер.
Серијата ја режира оскаровецот Данис Тановиќ, а сценариото го потпишува Марјан Алчевски од Скопје, кој живее во Загреб, еден од победниците на „Ејч-би-о адрија“ за прво сценарио.
Интересот за конкурсот беше огромен, учествуваа повеќе од 500 сценарија, а Алчевски ја освои продукцијата со неговата повеќеслојна драма во шест дела. Серијата се базира на животот на тројца странци, кои ги поврзуваат низа од несреќни настани, а Алчевски вели дека „Успех“ е драмска серија со елементи на криминал. Затоа, да претпоставиме дека ќе има некаков вид криминал, како и истрага, како и дека серијата ќе создаде сложени односи меѓу ликовите.
„Успехот“ е горчлив за Загреб. Тој дава мрачен увид во различните структури на денешното општество, низ животните приказни на обичните луѓе што општеството ги исфрла преку работ. Главните улоги ги играат: Марија Шкаричиќ, Уликс Фехмиу, Ива Михалиќ, Тони Гојановиќ и Тара Талер.
Последната клапа се снима во загрепскиот хотел „Дабл три бај Хилтон“.
– На сетот на „Успех“ стигнавме за време на снимањето на атрактивна акциска сцена, која се снима на деветтиот кат во хотелот. Затекнавме организиран хаос каков што обично владее на филмските сетови. Насекаде сниматели, костимографи, актери, продуцентот Небојша Тараба координира наоколу и ни прави кратка прошетка. Лифтот го чекавме долго со оглед на хаосот.
Постојано некој оди горе-долу, носи реквизити, шминка и сѐ друго што е потребно да се сними акциската сцена во ходникот на хотелот. Ѕирнавме во собата со монитори од каде што директно се следат камерите.
Гледавме дел од сцената каде што еден лик одзема пиштол од друг, не ни беше јасно што се случува, но на продукцијата ѝ беше совршено јасно. На сетот сѐ се чинеше одлично. Во овој класичен метеж актерите, снимателите, целата придружна екипа остава впечаток на задоволство. Владее ентузијазам, и тоа меѓу сите. Но тоа не нѐ чуди затоа што „Ејч-би-о“ сака да се позиционира на регионалниот пазар и да продолжи со нови проекти. Тоа значи дека доаѓаат нови можности за локални сценаристи, актери, продуценти и за сите други што сакаат да се занимаваат со седмата уметност – опишува новинарот Вид Бариќ, кој присуствуваше на последниот сет.
Фактот дека „Ејч-би-о“ снима серија на хрватски јазик многу значи за хрватската филмска индустрија. Очекувано е дека со ова ќе се подигне стандардот за квалитет, а на површина ќе испливаат и многу нови имиња.
– Ова е засега најголем успех на серијата „Успех“, а за анализа, рецензија, коментари, осврти ќе мора да почекаме уште малку. Сега на екипата ѝ следува исцрпувачки процес на постпродукција и на монтажа – вели новинарот.