Десеттата сесија на „Филмската училница“ во Кинотеката на Македонија започна со проекции на вежбите и филмските етиди на учесниците. По секоја проекција се развиваше дискусија, а нивниот ментор, филмската и ТВ-режисерка Марија Џиџева ги оцени како многу зрели, интелигентни и филмски писмени.
– Учесниците се искрени, отворени, паметни, весели. Некои од нив се неверојатно талентирани – вели Џиџева.
Во вториот дел од сесијата, во неформална и опуштена атмосфера, учесниците снимаа изјави за нивните впечатоци и искуства од филмските училници. Идејата е за време на зимскиот училишен распуст Кинотеката да организира проекција на краток филм за „Филмската училница“, кој би вклучувал инсерти од работата на учесниците и предавањата што ги следеа.
Кинотека на Македонија го реализираше проектот за креативна едукација од областа на филмот и аудиовизуелното наследство, наменет за ученици од средните училишта. Проектот започна на 10 октомври и траеше 10 недели. Сесиите на училницата се одржуваа во саботите во просториите на Кинотеката.
Проектот е интерактивна филмска училница, каде што младата популација се запозна со нематеријалното богатство, пред сè, аудиовизуелното.
Во изминативе десет саботи учениците имаа уникатна можност да бидат дел и од работилницата со Тамара Котевска, филмска режисерка, и Фејми Даут, кинематографер, дел од креативците на документарецот „Медена земја“, потоа работилницата за анимиран филм со Крсте Господиновски и Жарко Иванов… Филмологот советник од Кинотеката, Игор Старделов, ги запозна учесниците со историјата и дејноста на Кинотеката, а потоа им ја презентираше историјата на филмското архивирање и технолошките нијанси во дигиталната реставрација на кинематографските дела. Филмскиот критичар Стојан Синадинов на неколку сесии ги запозна учесниците со почетоците и развојот на филмската уметност, влијанијата на филмските школи и автори низ историјата на кинематографијата, со почетоците на македонската кинематографија и нејзиниот развој до крајот на минатиот век…