Дарувањето е возвишена и благословена работа. Книжевната критика што во себе ги вградува авторовото време, дарба и знаење е сведоштво за другиот и другото и е дел од неговото височество – дарување/посветување. Секоја работа има сопствена приказна што неминовно прераснала во судбина. Дел од нив е и книгата „Заветни поуки“ како продолжување на критичарско-есеистичка работа на Васил Тоциновски посведочена во претходните дела: „Зборот на времето“ (1993), „Волшебности на зборот“ (2006), „Времето го нема“ (2007), „Кон трајните вредности“ (2008), „Мост од ѕуница“ (2011), „Умни книги“ (2012), „Пурпурни дождови“ (2013) и „Град со душа“ (2016). Станува збор за девет книги во кои се собрани децении на катадневно книжевно љубопитство и ангажирање, кои стануваат дел од биографијата на авторот, но исто така и една можна повест за традицијата и континуитетот на македонското и литературното творештво во светот.
– Содржината на „Заветни поуки“ ја составуваат текстови создадени и публикувани во последниве неколку години или поточно во периодот од 2015 до 2019 година.
Многу од нив се предговори и поговори, и објави во странската книжевна периодика што е повод да се соберат на едно место и како такви да им се понудат на читателите. Литературата ги совладува сите времиња и простори во потрага по трајни естетски вредности и автохтони поетики. Неколку стотици книжевни критики, осврти, есеи и записи собрани во 2.212 страници во дeвет наслови се најдобра потврда оти се сработило колку што се можело, не колку што се сакало. Таквото чувство и радува и нѐ прави горди. За сработеното ќе каже и просуди времето“ вели Тоциновски. Во „Заветни поуки“ се поместени 72 текста од кои еден помал дел се записи за некои минати и подзаборавени времиња, личности и настани, како и три текста што ги снимил и потоа ги забележал на хартија Свето Стаменов, како потврда за говорната кондиција на авторот на оваа книга. Запишаното е подредено според жанровската припадност на разгледуваните дела со единствена намера за градење почит, доверба и соработка меѓу луѓето, кои животот го пресоздаваат во литература.