Британските кина уживаат во најдобрата година по 1970-та
Британскиот бокс офис ја ужива својата најдобра година од 1970-та наваму, откако комбинацијата на домашните хитови и холивудските блокбастери лани ги полнеа киносалите.
„Гардијан“ информира дека Британците биле на кино 177 милиони пати во 2018 година, што претставува највисок број на посетеност од 1970 година. кога хитови како „М*А*С*Х“, „Љубовна приказна“ и „Аеродром“ успешно привлекле 193 милиони посети, како што и посочила „Асоцијацијата на кинотеки на Обединетото Кралство“.
Ланската цифра оди уште понапред од онаа во 1971 година (176 милиони посетители), кога филмовите: „Дијамантите се вечни“, „Француската конекција“ и „Валканиот Хари“ се најдоа на големото платно.
Недостигот од блокбастери од типот на „Војна на ѕвездите“ не го намалил ентузијазмот, напротив, посетеноста растела благодарение на различноста на понудените американски и домашни филмови. Листата на најдобри 10 филма, според британскиот бокс офис, минатата година ги вклучила насловите: „Одмаздници: Вечната војна“, „Мама Миа!“, „Одиме повторно“, „Црниот пантер“, „Боемска рапсодија“ и „Најголемиот шоумен“.
Посетеноста во кината во САД исто така пораснала за 7,4 отсто со 1,3 милијарди продадени билети, укажал бокс офисот „Моџо“. Овој пораст е добредојден за најголемиот филмски маркет на светот, кој во 2017 година го забележал најнискиот број на посетеност од 1992 година па наваму, стравувајќи дека одењето в кино конечно почнало да ги покажува последиците од стриминг-услугите како „Нетфликс“.
– Услугите како „Нетфликс“, „Амазон“ и „Ејпл ај тјунс“ секако дека предизвикаа нарушувања, особено „Нетфликс“ во домашната забава. Но тоа немаше влијание врз нашиот бизнис. Го преживеав доаѓањето на ДВД, блу-реј дискови, Интернет и секогаш слушав исти негативни предвидувања за распад на индустријата. Но секогаш гледаме како кината го постигнуваат обратното и растат – посочил Тим Ричардс, извршниот директор на „Ву интернешнл“.