Набљудувајќи ја историјата на уметноста, јасно е дека животните се важни во симболичка и во религиозна смисла. Неколку примери од минатото ја бележат важноста на одредени претставници на фауната

Куче
Низ историјата на уметноста, кучето не било секогаш прикажувано како најдобар пријател на човекот. Неговите карактеристики на платното се претставени во различни форми, па така кучето било мотив за претпазливост, лојалност, мудрост, лутина, разврат и алчност. Во средновековната интерпретација на „Тајната вечера“, Тицијан го претставил кучето како симбол на предавство, поврзувајќи го со Јуда. За време на периодот на ренесансата, кучето добило повеќе позитивни конотации, како што е на пример во „Портретот на Арнолфиниеви“ на Јан ван Ејк, каде што претставува верност.

Зајак
Не е некое особено откритие да се каже дека зајакот обично симболизирал плодност и страст. Како таков, зајакот често се наоѓал покрај Венера во сликите на ренесансата. Сепак, како контраст, зајакот во сликата „Богородица со зајак“ на Тицијан покажува триумф на невиноста над страста.

Мајмун
Иако христијаните во раниот среден век првично мајмунот го сметале за ѓавол, со текот на времето, ваквите тешки конотации попуштиле. Така, подоцна почнале да го сметаат како еден вид замена за човекот. Затоа, мајмунот што е опкружен со јаболка на сликата на Симон де Вос претставува пад на човекот. А мајмунот во оковите, сведочи за приврзаноста кон примарните инстинкти.

Голема ласица или хермелин
Без оглед дали била прикажана во кафеава или бела боја, големата ласица претставувала чистота и правда. Во согласност со тоа, таа се истакнува во сликата на Вилијам Сегар, каде што е прикажан портретот на кралицата Елизабета Прва. Хермелинот е особено значаен во сликата на Леонардо да Винчи, „Дамата со хермелин“. Таа била направена по нарачка на војводата од Милано, за неговата љубовница Сесилија Галерани.

Паун
Оваа птица со прекрасни бои станала симбол на бесмртност во христијанската уметност. Тоа се потпира на старото верување дека месото од паун не може да изгние. Паунот може да се види на многу слики во ренесансата, како потсетник на Христовото воскресение, а со тоа и на вечниот живот. Како пример, може да се наведат делата на Фра Ангелико и Фра Филипо Липи. Покрај тоа, склоноста на паунот да ја покаже својата опашка во историјата на уметноста се толкува како чин на гордост и суета.

Папагал
Поради неговата способност да го имитира човечкиот глас, папагалот се поврзувал со елоквентноста. Тоа се рефлектира во сликата на барокниот холандски уметник Хендрик Мартензун Сорг, каде што папагалот се наоѓа покрај протестантски теолог. Во религиозен контекст, оваа птица се појавува кога се прикажува безгрешно зачнување. Така, во делото на Лукас Кранах, папагалот што јаде на масата го симболизира зачнувањето преку словото божјо.

Билбилче
Според легендата, мала птица што била билбилче или црвеногушка слетала на рамото на Исус Христос додека тој го носел крстот и со клунот извадила трн од неговата круна. Капка крв паднала врз птицата, за што денес сведочи црвената трага на перјата што ја имаат обете птици. Затоа тие се поврзуваат со страдањето на Исус, така што сликата „Богородица со билбилче“ на Рафаел претставува претскажување на распетието. Во делото на Франциско Гоја, билбилчето надвор од кафезот, на портретот на младиот Мануел Зунигa зборува за невиноста на децата.