Заврши седмиот „Букстар“
Темата на годинешниот фестивал на европската литература „Букстар“, „Џанресис – настанување или нестанување?“, всушност кованица од зборовите генеза и жанр, на последниот фестивалски ден беше заокружена со книжевната дискусија „Книжевни жанрови: систем или креативен хаос“ што ја модерираше Соња Стојменска-Елзесер, а своите размисли и ставови ги споделија гостите Сјон од Исланд и Софија Лундберј од Шведска, како и македонските автори Иван Додовски и Билјана С. Црвенковска. Овој настан беше организиран во соработка со Друштвото на писателите на Македонија.
Воведното прашање на Стојменска-Елзесер, кој е нивниот жанр, каде се чувствуваат најмногу дома и дали се свесни за жанрот за време на пишувањето на своите дела, беше провокативно за учесниците во дискусијата.
Исландскиот писател Сјон подвлече дека единствено во што верува е – добро раскажана приказна и дека тоа е задолжително за нејзиниот опстанок.
– Од почетоците литературата има цел да го задржи вниманието на читателот. И воопшто не е важно во кој жанр приказната е раскажана. Лично сум преминувал од еден во друг жанр во една иста книга, во еден пасус, па дури и во една реченица. Не сум размислувал за жанрот, така што во секоја моја книга ќе најдете барем пет различни жанрови – рече Сјон.
За Лундберј, луѓето имаат тенденција да ги категоризираат работите, да ги стават во одредени кутии, да ги редат на полици, и тоа не само кога станува збор за литературата, туку и за релијата, храната, културата воопшто.
– И тука се појавува опасноста да се заборави на поединецот. Се трудам да не мислам на жанрот, многумина велат дека пишувам љубовни романи, а всушност ниеден мој роман не е љубовна приказна, иако сите се полни со љубов. Повеќе мислам на ликовите отколку на жанрот, како да ги развијам нивните карактеристики во подолг период – рече шведската писателка.
За Додовски расправата за жанровите е стара колку што е стара и расправата за тоа што е литературата.
– И тоа постојано се менува, постои напрегнатост во односот помеѓу оној што пишува и оној за кого пишува. Сите ние настојуваме да правиме типологии и да ги категоризираме работите и поради тоа се создаваат очекувања за тоа во кој жанр е напишана една книга, па дури и за тоа на кој литературен вид и род припаѓа. Но тоа е само еден идеал во умот на писателот и во умот на читателот – рече Додовски.
Тој потенцираше дека има автори што се придржуваат до чистата форма и тие често се комерцијални и други што ги поместуваат границите на жанрот и тоа главно се големи автори.
– Одредени автори намерно ги поместуваат границите на жанрот, за да го изненадат читателот. На пример, Шекспир е голем автор, меѓу другото, и поради тоа што иако се вели дека пишувал историски драми, всушност од неговите 38 драми само една е историска драма, тоа е „Бура“. Преостанатите не може жанровски да се определат. Тој намерно го правел тоа, како некој вид субверзија, за да го изневери и изненади читателот – рече Додовски.
И Црвенковска се согласи дека е најважно да го изненадиш и да го маѓепсаш читателот.
– Во моите авторски дела има барем по неколку жанра, од лирика, преку сценарио, до фантастика… Сето тоа е смислено и не е случајно. Приказните треба да имаат боја, мирис, вкус, форма, мора да се користат сите тие елементи и таа суптилна прошетка низ жанровите е со цел да го повлече читателот – рече таа.
„Букстар“ e прв фестивал на европската литература кај нас, организиран од издавачката куќа „Антолог“. Во рамките на оваа манифестација, која започна во 2015 година, а се одржува секоја есен, се вклучени гостувања на странски и на домашни автори, саем на европската литература, промоции, дискусии, музички настапи и други настани од полето на културата.