Владимир Боцев и Елизабета Конеска, чии дела се содржани во ДВД-изданието „Етнолошки документарни филмови од Музејот на Македонија 1997 – 2015“, говорат за своите искуства со овој вид меморирање на стварноста
„Етнолошки документарни филмови од Музејот на Македонија 1997 – 2015“ е насловот на првото музејско ДВД-издание од ваков тип во земјава, во продукција на истиот музеј, каде што се поместени тринаесет авторски филма на двајца етнолози, 10 на Владимир Боцев и три на Елизабета Конеска. Станува збор за филмовите: „Курбан – жертвоприношение во селото Покрајчево“, „Џоломари“, „Бабарот што враќа кусур“, „Во името на Господ“, „Самовилска вода“, „Говедар Камен“, „В година пак ќе дојдеме“, „Возот за Мартолци“, „Ниту ќе го продолжи ни ништо“ и „Росе од Заград“ на Боцев во кои тој е автор на сценариото, камерата и режијата.
Според сценариото и режијата на Елизабета Конеска и камерата на Роберт Јанкуловски се снимени филмовите: „Професија во движење – крушевски калајџии“, „Звукот на чеканот“ и „Белградскиот казанџија“. Изданието содржи и хронолошки, пишан приказ на историскиот развој на снимањето и презентирањето на овој вид филмови, почнувајќи од 1949 година, со фокус и на прикажувањето на првиот филм „Азот“ во режија на етнологот, Вера Кличкова во 1953 година. Сите 13 филма се изработени со поддршка на Министерството за култура во рамките на одредени проекти, чиј дел од нивните цели на реализација бил и документарен филм.
– Темите што се обработуваат во ова издание на етнолошките документарни филмови во продукција на Музејот на Македонија, пред сѐ, се поврзани со обредниот живот на Македонците. Тоа се обредите со маски и обредите во кои е вклучено жртвопринесувањето, познати кај народот како курбани. Што се однесува до занаетите во оваа збирка застапени се казанџискиот, калајџискиот и ѕвончарскиот занает. Сите овие филмови го следат сценариото на изведување на обредот, односно процесот на производство на одреден предмет, но секако дека во нив може да се почувствува и односот на луѓето, учесниците во случувањата, кон одредената проблематика. Секако дека важна тема на овие филмови е секојдневието, особено на жителите на многубројните пусти македонски села. Можам да кажам дека тие жители, иако можеби и не се толку далеку од градските јадра и од жителите на градот, се енигма за пошироката јавност, како да не постојат. Токму нивниот осаменички живот е претставен во филмовите што ја обработуваат оваа тема – вели Владимир Боцев, чии филмови обработуваат теми од обредниот живот, секојдневието и ѕвончарскиот занает во Битола.
Тој нагласува дека целта на појавувањето на збирката етнолошки документарни филмови е да влијае на зголемување на интересот за овој филмски жанр, кој во земјава, потсети, има длабоки корени. Во контекст на тоа укажа на појавувањето на филмските снимки на браќата Манаки, на филмовите на етнологот Вера Кличкова од средината на 20 век, како и на филмовите од современата продукција, каде што спаѓаат и филмовите од збирката, промовирани во текот на мај.
– Оваа збирка ќе овозможи лесна достапност на нашите филмови. Тоа е од особено значење затоа што досега тие беа, освен за потесната стручна јавност, скоро непознати за публиката. Од друга страна, пак, истите овие филмови имаат учествувано на голем број меѓународни фестивали на етнолошкиот документарен филм низ Европа и имаат добиено вредни награди и признанија. Можам да кажам дека беа попознати надвор отколку во Македонија.
Се надевам дека ова прво музејско издание нема да биде и последно, но под услов продукцијата на овој жанр филмови да продолжи. Тука не мислам само во Музејот на Македонија, туку и во другите музеи низ државата во кои работат етнолози. Ги истакнувам етнолозите затоа што сметам дека тие се најповиканите да учествуваат во продукција на ваквите филмови. Првичната идеја за оваа збирка на етнолошки документарни филмови беше да се издадат сите филмови во продукција на нашиот музеј, значи од првиот произведен во 1953 година до денес, но за да се публикуваат филмовите произведени до 1966 година, тие прво треба да се реставрираат – рече Боцев.
Елизабета Конеска потсети дека во нејзиниот филм „Професија во движење/крушевски калајџии“, станува збор за калајџискиот занает во Крушево од каде што потекнуваат најголемиот број калајџии и казанџии на Балканот. Во „Звукот на чеканот“ е прикажана изработката на еден од најзастапените традиционални садови, ѓумот што го изработува мајсторот Перо Марин, последниот казанџија од Охрид, претставник на најстарата и последна генерација мајстори казанџии. Во фокусот, пак, на „Белградскиот казанџија“ е Михајло Цинцар Костиќ, последниот казанџија во Белград, роден во Крушево. Конеска смета дека објавувањето на ДВД-изданието на етнолошките документарни филмови е одлична идеја и активност.
– Единствено забелешка ми е техничкиот квалитет на филмовите, штета што не е работено на подобрување на квалитет на сликите и на тонот. Добро е тоа што сите филмови се наоѓаат во кинотеката. Пред повеќе години, нејзиниот сегашен директор Владимир Љ.Ангелов, направи акција со која прибра копии од сите наши филмови – рече Конеска.
Таа во изминатиот период од повеќе од 25 години, филмовите ги работеше со снимател. Првиот документарен филм е работен во соработка со МТВ кога во 1993 година во Истанбул се снимени членови на дел од заедницата православни граѓани по потекло од Македонија. Елизабета Конеска е авторка на вкупно 14 филма, од кои 11 се во различна продукција, во зависност од тоа каде биле ангажирани нејзините најчести соработници, снимателот Роберт Јанкулоски и монтажерот Блаже Дулев.
– Од 2010 година повремено започнав сама да снимам со камера, поточно материјалот на терен наместо како пишувани белешки визуелно да го документирам. Во текот на 2013-2015 г. снимав неколку занаетчии мајстори во Старата скопска чаршија. Од 2010/2011 година повремено ги снимам промените на животот на членовите на едно семејство од јуручката етничка заедница. Очекувам дека еден дел од овој материјал, заедно со монтажерот со кој работиме во моментот, да го преточиме во етнолошки филм – рече таа.
Владимир Боцев, кој со години е поврзан со Меѓународниот фестивал на етнолошки документарни филмови што се одржува во Кратово, запрашан во оваа пригода дали и есенва истиот тој ќе се одржува одговори:
– Втор чекор по продукцијата на етнолошките документарни филмови е организирањето на Фестивалот на етнолошкиот документарен филм во Кратово, од страна на Македонското етнолошко друштво. Оваа година на крајот на септември ќе се одржи осмото издание на овој фестивал, повторно, како и досега во просториите на Музејот на градот Кратово. Радосни сме што низ сите овие години во Кратово, благодарение на фестивалот, беа прикажани огромен број филмови од целиот свет. Со особена гордост, исто така, треба да истакнам дека во Кратово продефилираа и голем број светски имиња, кои значат многу во светот на етнолошкиот – антрополошкиот документарен филм. Карактеристика на фестивалот е тоа што на него присуствуваат голем број автори на филмови, со кои се разговара и се разменуваат искуства. Проблемите околу неговото одржување се минорни во однос на задоволството што тој го нуди, во смисла на можност да се видат најновите остварувања на полето етнолошкиот филм, но и класиците на овој жанр, кои можат да ги видат нашите етнолози, но и пошироката публика.