Во уметничкиот салон од Центарот за култура во Кичево вечерва вторпат ќе биде отворена етнографска изложба на фотографии „Власите на Балканот и во Македонија“. Изложбата ја реализира здружението на Власите од Кичево „Јанко Михајлоски-Јанчица“, кое е формирано во 1991 година за да ги зачува и негува влашката традиција и идентитет, како и да се унапредуваат влашкиот јазик, култура и етнос.
– Ќе бидат претставени фотографии на автентични влашки носии стари повеќе од два века. Изложбата се состои од 75 големи фотографии, на кои се презентираат сета убавина и уникатност на влашката носија, на поширокиот балкански простор. Посебна карактеристика и обележје на влашката носија е тоа што е изработена од волна и се состои од 74 набори, а дополнителен украс се лентите на самата носија како и грленикот. За изработка на влашките носии се користеле кадифе, свила и украсни ленти – вели Јани Зердески од здружението на Власите од Кичево. З.А.