Македонската академија на науките и уметностите ја објави книгата на академик Нада Поп-Јорданова „Етика во невронауката“, која, како што посочува во предговорот академик Витомир Митевски, „се јавува во време кога заедно со воодушевувањето од напредокот на науката сѐ повеќе расте и свеста за опасноста од последиците од тоа доколку човекот изгуби контрола“.
– Имено, застрашува фактот што, наспроти огромните достигнувања во современата наука и техника, не се забележува соодветното ниво на прогрес во однос на моралните начела на одговорност, должност и сл. Во тој контекст, авторката во фокусот на вниманието ги става етичките дилеми во невронауката. „Етика во невронауката“ има обем од околу 260 обработени страници во ракопис, а тематски е распределено на 26 посебни поглавја. Добиваме впечаток дека тука може да се издвојат три тематски целини: прво доаѓаат уводни расправи, потоа следуваат носечките теми, со прецизни одредници на дискусија и на крајот се обработени темите што носат допирни точки со главниот истражувачки проблем како и заклучокот – пишува меѓу другото Митевски.
Тој укажува исто така дека ова дело во целина изобилува со драгоцени информации за состојбата во невронауката и, секако, за етичкиот аспект што го зафаќа таа, но наедно иницира и обработува многу актуелни проблеми во тој контекст.
– Пораката на делото е дека, и покрај блескавите успеси и молскавичниот напредок на современата невронаука, мора да сме претпазливи и свесни дека притоа може да се изгубиме себеси како човечки суштества во светот на науката и техниката, кој, самиот за себе, е безличен и бесмислен – вели академик Витомир Митевски.
Професорот Методи Чепреганов, невропсихијатар-епилептолог, во предговорот „Етика во невронауката“ го нарекува „дело за почит, кое бара темелни предзнаења, кое ја побудува, но и разбудува совеста на размисла за сите дилеми, како и на кој начин да се заштитиме самите себе, но и да ја зачуваме мајката планета Земја за идните генерации.
– Етичките норми се основните карактерни особини што ги креираат нормалните интерперсонални односи, нашата екологија на духот и нашата социјална когниција, како огледало на нашиот психолошки профил, добро матуриран или несозреан.
Матурацијата на една личност е долготраен процес и токму од инкорпорацијата на добро воспитание, резервоар со богати знаења со социјални, морални и етички норми, зависи иднината на секој индивидуум, но и на околината во која тој опстојува. Високостручно капитално дело, кое на многу богат, прецизен и темелен начин ги поставува етичките и моралните основи на нашето однесување кон самите себе, кон другите, кон нашето и општото здравје и кон нашето милје – вели меѓу другото проф. Чепреганов.
Академик Нада Поп-Јорданова истакнува дека врз база на многу објавени статии, книги, изјави и соопштенија, во оваа книга таа се обидува да доближи некои од, за неа, најважните прашања што ги поставува етиката во невронаучните истражувања.
– Како ќе се сознае нешто ако не се истражува, ако не се експериментира? Иако анималните студии даваат увид во физиологијата на мозокот и умот, сепак за поголемо знаење и објаснување е неопходно да се истражува директно на човекот. Човековиот мозок и неговите функции стануваат главен предмет на истражување на најновата дисциплина што произлегла од психологијата – невронауката. А, ете тука стануваат актуелни многу дилеми за тоа дали е потребно, дали ваквото истражување е хумано, дали е етичко. Зашто, овде предмет на истражување е човекот, највисоко организираниот жив организам на Земјината топка – вели авторката на книгата.
„Глобалното ментално здравје и невроетиката“, „Едукативна невронаука“, „Етички дилеми околу клонирањето“, „Невробиологија на моралноста“ се дел од насловите од богатата содржина на оваа книга.