Елена Ставреска од Скопје е млад дипломиран сликар кој се занимава со дизајнирање и изработка на уникатни парчиња накит. Таа користи две техники на изработка, хеклање (плетење со една игла) и филигранство (древна техника на изработување накит од тенка сребрена жица). Ја имаме нејзината приказна – за нејзините творби, за тоа како започнала нејзината љубов кон плетењето и како тоа ја поттикнало да почне со изучување и на филигранскиот занает.
Како почнавте да се занимавате со плетење? Кое беше Вашето прво исплетено парче накит?
– Да плетам научив пред околу пет години, кога подготвував самостојна изложба со ликовни дела. Едно дело требаше да биде огромна, двометарска пајажина. Затоа морав да ја совладам оваа „пајакова“ вештина. Навистина чуден и неверојатен ми беше фактот што од обичен конец можев да создадам нешто конкретно, опипливо, монументално. Навистина уживав во овој занает, а првото парче накит беше исплетено како роденденски подарок за моја пријателка. Од тогаш не можам да престанам. Дизајните се нижат спонтано и интуитивно во мојата глава, а медитативноста што ја нуди самата техника ми стана еден вид зависност.
Во вашите дела преовладува употребата на различни видови камчиња. Од каде ви е фасцинацијата со нив и како ги вметнавте во своите изработки?
– Главна техника на изработка на мојот накит е употребата на разновидни камења. Покрај полудрагите камења и кристалите, употребувам и необработени речни, езерски и морски камчиња. Честопати луѓето по тоа ме препознаваат и велат: „А, ти си онаа со камењата!“. Паметам дека уште во своите најмлади години се враќав дома со кеси полни камчиња собрани од Охридско езеро или од Радика. Подоцна, во тинејџерските години, се заинтересирав за полудрагите камења и кристалите, па почнав да ги учам нивните физички, метафизички и лековити својства. Набрзо станав колекционер, а првото кристалче што го поседував беше розов кварц.
Како кај Вас се случи повикот кон филигранството, кога решивте да ги замените конците и иглите со сребрените жици и да се нурнете во овој занает?
– Среброто е прекрасен благороден метал со фин и суптилен рефлективен сјај. А самата филигранска естетика, со посебен култ кон ситните детали, отсекогаш ми била инспиративна и привлекувачка. Желбата да ја научам оваа прекрасна вештина ми тлееше сите овие години. Обработката на кој било метал сама по себе подразбира и маневрирање на еден друг елемент – огнот. Годинава решив конечно да се изборам со стравот од оган и да ја научам оваа техника, а со тоа и да го проширам асортиманот на моите дизајнерски парчиња.
Во минатото овој занает се учел и надградувал со години, прво како чирак а потоа како калфа. Се практикува ли овој обичај и денес?
– Филигранството, како и секој занает, бара посветеност и дисциплина и секако, се надградува и усовршува со години. Но, основите на занаетот може да се совладаат навистина брзо. За тоа, секако, е потребен личен афинитет како и добар учител, кој ќе знае и умее методично да го пренесе своето знаење. Денес постојат курсеви за изучување на овој занает, некои се одвиваат во групи а некои се индивидуални. Јас моите вештини ги стекнав на индивидуалниот курс кај Александар Баки Милев, врвен мајстор филигранист и креативец – естет.
Порано еден филигран се изработувал многу долго време. Колку време посветувате Вие на вашите изработки?
– Времето на изработка зависи од димензиите и од комплексноста на самиот дизајн. За мене лично, изработувањето минимум трае од два работни дена па нагоре. Никогаш не брзам додека работам. Квалитетот на делото не смее да биде компромитиран во никој случај. Исто така, брзањето често знае да донесе многу повреди, бодење и сечење со иглата или изгореници при лепењето на среброто. Затоа се трудам да практикувам постапност и внимателност додека креирам.
Што Ви претставува предизвик во работата?
– Вистинскиот предизвик се појавува откако ќе заврши процесот на дизајнирање и изработката. Предизвик е наоѓањето пласман за накитот, а верувам дека повеќето ракотворци би се сложиле со мене на оваа тема. Во Македонија мал број луѓе го разбираат концептот на уникатност, како да не е доволно јасно што значи да одбереш парче накит кое ќе го поседуваш само ти и никој друг во светот. Мислам дека треба да поработиме на развој на индивидуализмот, да почнеме да веруваме во сопствениот став и нашето лично чувство за естетика, а не да се потпираме на она што модните корпорации ќе наметнат дека треба да ни се допаѓа оваа (или следната) сезона.
За крај, што правите во слободно време?
– Кога човек го прави она што го сака во животот, терминот „слободно време“ станува ирелевантен. Посакувам сите да можеме да живееме од работата што ја сакаме, а не од онаа што сме приморани да ја работиме исклучиво поради опстанок. Така, можеби еден ден слободното време ќе се претвори во целосна слобода, слобода на мислење, дејствување, располагање со своето време, со своите таленти и вештини.