Ексклузивното издание за Милчо Манчевски, еден од најзначајните и најнаградувани македонски режисери, сега е достапно преку веб-страницата на Кинотеката на Македонија. Монографијата „Манчевски“ во издание на „Арс ламина“ привлече големо внимание кога беше промовирана во 2015 година, но сѐ уште предизвикува голем интерес кај филмските обожаватели, читателската публика и љубителите на добро дизајнирани книги. Повеќегодишниот комплексен, меѓународен и мултидисциплинарен публицистички проект од кој произлезе оваа монографија, на уредничката и авторка Марина Костова во 2018 година ѝ ја донесе наградата „Мито Хаџивасилев-Јасмин“ – највисоката државна награда за новинарство и публицистика.
Оваа обемна (650 страници) компилација од текстови, белешки и фотографии дава увид во досегашната кариера на еден од најоригиналните и најиновативни современи режисери и уметници. Аспектите на творештвото на Милчо Манчевски како филмски автор, фотограф, концептуален уметник и писател во оваа книга се истражени низ продлабочени анализи на осуммина филмски теоретичари, филозофи и историчари на уметноста од САД, Велика Британија, Германија, Австралија, Ирска, Шведска и од Македонија. Оригиналниот дизајн на книгата е на германскиот графички дизајнер Матијас Хајпел.
Голема збирка архивски факсимили, продукциски белешки, сториборди, писма, лични белешки, рецензии и интервјуа, се дел од книгата, со намера да фрли светло врз процесот на работа на авторот, како и на приемот на неговото дело кај публиката и критиката. Овие архивски материјали, грижливо избрани од морето архивска граѓа, интегрално ја дополнуваат сликата за опусот на авторот. Дел од книгата се и теориски есеи и проза на Манчевски, кои го заокружуваат увидот во неговото творештво.
Што се однесува до меѓународна дистрибуција на монографијата, само во периодот од 2017 и 2018 околу 120 примероци се испратени до национални и универзитетски библиотеки, кинотеки, научни институции и академици во над 60 земји на сите континенти. Меѓу другите, книгата веќе е дел од колекциите на Британската библиотека, на Библиотеката на Kонгресот на САД, на Холандската кралска библиотека во Хаг, Јавната библиотека при центарот „Помпиду“ во Париз, на Француската кинотека, на универзитетите „Кембриџ“, „Оксфорд“, „Јејл“, „Харвард“, „Стенфорд“, во Филмскиот центар на Јапонија, во националните библиотеки на Нов Зеланд, Јужна Африка, Тајван, Иран… Ја има и во најдобрата книжарница во Њујорк „Сент Маркс букшоп“, како и на официјалната веб-страницата на режисерот Манчевски.