Во едицијата „Прашки ракописи“ издаваштвото „Везилка2011“ го објави шестиот и седмиот наслов: „Хашек – Добриот војник Швејк“ и „Чапек – Книжевна легенда“. Автор на едицијата е македонскиот писател Ристо Лазаров.
Во кусите напомени кон книгата за Хашек се вели дека и тој, отпрвин, не избегал од проклетијата на судбината – многу автори нивните грандиозни дела да паднат (или да бидат фрлени) во заборав. Но, судбината знае и да се насмевне, макар и со задоцнување. Пет години по смртта на Хашек, Чехословачката Република го слави својот десетти роденден. Таа 1928 година ќе биде и нов, траен блесок што до ден-денес ќе го следи самиот Хашек и неговото дело. Швејк, имено, се појавува во германски превод. Тоа ќе биде неугодно, ама сепак будење на чешката јавност. И отворање порти за добриот војник Швејк во целиот свет.
За Чапек, пак, се знае деке е несомнено најпознатиот и најпреведуваниот чешки писател во светот, а кога се знае за колку квалитетна национална конкуренција се работи тука, самиот тој факт станува повеќе од доволен за почит и длабоко уважување на неговото дело.
Авторот на оваа популарна едиција најави дека таа ќе биде заокружена уште со три ракописи.