Издавачката куќа „Антолог“ во рамките на проектот „Читаме заедно!“ ја објави книгата „Воспитувањето девојки во Чешка“ од чешкиот автор Михал Вивег. Дејството во романот почнува кога писателот и наставник по чешки јазик и литература, Оскар, ја прифаќа понудата на локалниот бизнисмен, новопечен богаташ, да ѝ одржи курс по креативно пишување на неговата постара ќерка Беата во текот на летниот распуст… Овој сатиричен приказ на чешкото посткомунистичко општество и првите моќници ќе биде промовиран во Скопје во рамките на фестивалот на европската литература „Букстар“ со гостување на авторот Михал Вивег.
Михал Вивег (1962) е еден од најпопуларните и најпродавани современи чешки писатели. Дипломирал чешки јазик и педагогија. Како романсиер, драматург, сценарист и автор на раскази и колумни пишува со многу хумор и оригинална иронија постигнувајќи длабоки значења. Од крајот на 1990-тите секоја пролет објавува по една книга. Преведуван е на 25 јазици. Добитник е на наградите за литература „Јиржи Ортен“ и „Магнезија литера“. Неговите книги се распродадени во милион примероци само во Чешка.
Македонското издание на книгата е преведено од Маргарета Карајанова, графички уредено од Марко Трпески, а финансиски поддржано од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија и Министерството за култура.