Одбележување на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик
По повод одбележувањето на Светскиот ден на мајчиниот јазик – 21 февруари, денеска од 18 до 19 часот на платформата Зум ќе се одржи онлајн час, на кој ќе учествуваат учениците што ја посетуваат дополнителната настава по македонски јазик во Германија, Словенија, Швајцарија и во Франција.
По иницијатива на двете професорки, Аниса Трпчевска (професорка во Хамбург, Хановер и околината) и Ана Матовска-Смилевска (професорка во Берлин и околината), наставниот кадар што ја реализира дополнителната настава низ Европа, во соработка со Националната галерија, претставувана од едукаторката Маја Димитрова, издавачката куќа „Просветно дело“, претставувана од Ксенија Маказлиева-Трајчева, уредничка во редакцијата „Детска радост“, и Анета Качуркова, музичка уметница и поранешна членка на групата „П.С.“, која моментално е со ангажман на Музичката академија во Париз, првпат се организира одбележување на Меѓународниот ден на мајчиниот јазик на кое ќе учествуваат учениците од цела Европа.
Часот ќе започне со кратко обраќање до сите присутни, по кое следува претставување на професорките и на дел од нивните ученици. Ксенија Маказлиева-Трајчева со кратка презентација ќе го претстави развојот на македонскиот пишан збор во детските списанија низ времето. На учениците ќе им биде презентиран расказ, по кој ќе следува дискусија со учениците за слушнатата содржина.
Маја Димитрова ќе ја презентира дејноста на Националната галерија, нејзиниот историски развој и значењето на оваа културно-уметничка институција, а Анета Качуркова ќе интерпретира своја лична песна и потоа заедно со хорско пеење со сите учесници ќе се отпеат македонските песни „Македонско девојче“ и „Во светот на бајките“. Часот ќе заврши со пеење на македонската азбука, во стилот на едукативната телевизиска серија „Бушава азбука“.
Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, на кој се одбележува мајчиниот јазик во земјите, е прогласен е на 30-та седница на Генералната конференција на УНЕСКО во 1999 година, именувајќи го 21 февруари за ден на кој се одржани драматичните протести за бенгалскиот јазик. Во 2000 година, овој датум беше промовиран и како Ден на лингвистичката и културната разновидност и повеќејазичност.
Според статистичките податоци, во последните три века има изумирање или драматично намалување на јазиците, особено на американскиот и на австралискиот континент. Во светот денес се зборуваат околу 6.500 јазици, а на околу половина им се заканува исчезнување во многу делови од светот.