Солистички концерт посветен на звукот на современиот француски композитор Јан Тирсен на пијанистката Дуња Иванова ќе се одржи вечерва, во 20 часот, во Музејот на македонската борба. На програмата е музиката на Тирсен напишана за филмските остварувања „Чудесната судбина на Амелија Пулен“ и „Збогум Ленин!“, како и композиции од албумите „Светилник“ и ЕУСА.
Дуња Иванова (1985) магистрира на вокално-инструменталниот оддел на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата по пијано (2010), магистрира (2009) и докторира (2015) на Катедрата за естетика на Институтот за филозофија на Филозофскиот факултет при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Особено значајни се нејзините рецитали посветени на музиката на Збигњев Прајснер, Филип Глас, Лудовико Еинауди, Арво Перт, Руичи Сакамото.
Двата проекта се дел од програмата за култура на градот Скопје за 2019 година, а се реализираат со поддршка на „Слобода филм“, „Минимал“, СОКОМ и Музејот на македонската борба. Влезот е слободен.