Туризмот претставува една од најдобро растечките и најпрофитабилни стопански гранки во светски рамки, а според податоците на Светската туристичка организација дури 40 отсто се „културни туристи“. Со оглед на важноста на туризмот во економскиот развој на Македонија и нагорните трендови на раст на туристичките посети, потребен е критички преглед на состојбите во спомениците на културата во целата држава и преземање активности за да се постигне оптимизирање на понудените туристички производи и услуги.
Христијан Талевски од здружението „Менелај“ од Прилеп е раководител на проектот „Развој на универзална база со податоци за туристичките потенцијали на спомениците на културата – унапредување на информираноста за туристичките капацитети на спомениците на културата“. Според него, потребни се заеднички заложби на работниците во заводите, музеите, научните институции и секако на тие во економската сфера, како туристичките оператори и туристичките водичи.
– Во глобални рамки, културното наследство е силен и атрактивен фактор и со интерактивно користење релевантни информации за него е неопходно да се активира нова динамика за одржлив развој и разумно искористување на ресурсите. Новите технологии во оваа област нудат неограничени можности за заштита и презентација преку иновации и креативност во користењето на информатичките технологии за третман на културното наследство. Културното наследство поседува и силна едукативна и економска димензија. Токму тие се полињата во кои најсериозно придонесува реализацијата на проектот. Во првата фаза е изработен елаборат во кој е направена евалуација на состојбата со спомениците на културата од аспект на нивната експонираност и достапна туристичка понуда – вели Талевски.
Направен е систем во кој се внесуваат информации непосредно поврзани со туристичката инфраструктура со која располага секој споменик на културата (пристапноста, околината, квалитетот на туристичката понуда, современата инфраструктура, потенцијалите за прошетка и разгледување, потенцијалното постоење на музеј, негово работно време, работно време на споменикот или споменичката целина, други достапни активности во близината на споменикот, други регионални атракции…).
– Примарни извори на информации за креирањето на образецот беа споменици на листата на локалитети ставени под заштита на УНЕСКО. Со оглед на тоа што некои од спомениците на културата се врз или во непосредната близина на споменици на природата беа користени и интернет-страници за такви локалитети. Овој проект е базиран на применети меѓународни стандарди, нови технологии и методи и докажани, најдобри практики во функција на унапредување на промоцијата и популаризацијата на културното наследство. Со отворањето на пристапот до овој систем се постигнува повисоко ниво во користењето на културното наследство во функција на негова одржливост – вели Талевски.
Според него, преку реализацијата на проектот се направи суштински придонес кон отворањето на пристапот до релевантни информации за културните ресурси на нашата држава.
– Тоа е наша обврска, и поддршката и понатамошното развивање на системот ќе бидат силен стимул во менаџирањето на културното наследство, зајакнување на основата за соодветен развој, заштита и валоризација на спомениците на културата, но и генерално, за унапредување на постојниот кон одржлив туризам во иднина – вели раководителот на проектот.
Стручните лица посочуваат дека во остварувањето на визијата за напреден третманот на културното наследство се неопходни заеднички, сериозни и комплементарни активности во состав на посебни програми.