Спој на различна музика што ја соедини публиката на фестивалот „Охридско лето“ направи Дуке Бојаџиев, кој одржа концерт на Долни Сарај. Овој извонреден музичар што настапува на најпрестижните концертни подиуми низ светот меѓу кои и „Карнеги хол“ во Њујорк, е секогаш скромен и со позитивна енергија што мошне лесно ѝ ја пренесува на публиката. Една по една се редеа нумерите и заедно со добро осмислената нарација создадоа неповторливо доживување за посетителите. На репертоарот беа нови теми работени во текот на последниот период, нови обработки на стара македонска музика од 1970-тите, и како што вели Бојаџиев, тоа беше концерт поразличен од досегашните. Настапите во Охрид за него се секогаш возбудливи затоа што, како што објаснува музичарот, во Охрид се чувствува посебна позитивна енергија.
– Потекнувам од Скопје, но уште од дете, повеќе се чувствувам како дома во Охрид отколку во Скопје. Охрид е срцето на Македонија. Настапувањето во Охрид секогаш претставува голема возбуда за мене затоа што чувствувам некаква енергетска поврзаност со езерото, со градот, па и со луѓето бидејќи имам огромен број пријатели овде, и тоа пријателства што ги негувам уште од детството – вели Дуке Бојаџиев.
По диплома е доктор на медицина, но музиката е неговата најголема и најсилна љубов.
– Има многу медицинари, доктори што се врзани со некоја уметност, музика, сликарство, поезија. Можеби има некоја благородност во медицината што ја има и во уметноста. Во мојот случај, татко ми, Тодор Бојаџиев, беше композитор и доктор, но доктор по професија, а композитор по хоби. Јас, откако дипломирав, решив да ги свртам поинаку работите. Сфатив дека што било друго да работам освен музиката, би било изгубено време – додава Дуке.
Во моментов работи на повеќе полиња, на неколку телевизиски проекти, а од филмските, работи на музиката на хрватски филм од легендарниот југословенски режисер Вељко Булаиќ. На почетокот од следната година, Дуке Бојаџиев најавува и концерт во Скопје.