Археолошкото наоѓалиште Чанкило, старо 2.300 години, кое се наоѓа во пустинската долина во северниот дел на Перу, е едно од 13-те нови глобални локации додадени на листата на културни споменици на УНЕСКО. Станува збор за најстарата соларна опсерваторија во Америка, која од неодамна го доби статусот на светско наследство на УНЕСКО и е прогласена за „ремек-дело на човечката креативна генијалност“, пренесува британски „Гардијан“.
Тринаесетте кули подредени на гребенот се најпознатата карактеристика на античко место што датира од 250 до 200 година пред нашата ера. Кулите функционирале како календар, користејќи ги сончевите лакови на изгрејсонце и зајдисонце за да ја означат не само рамноденицата туку и да го одредат времето од годината во рок од еден или два дена. Исто така, локацијата вклучува импозантен комплекс на врвот на ридот со тројни sидови, познат како Утврден храм, сместен во неплодниот пејзаж на долината на реката Касма.
Иван Геци, програмски директор на Чанкило, за „Гардијан“ изјави дека иако бил „обземен од емоции“, не бил изненаден што УНЕСКО го прогласи Чанкило достоен за вклучување на листата.
– Тоа е единствената опсерваторија од древниот свет за која знаеме дека е комплетен годишен соларен календар. Кулите се поставени на таков начин што точно се совпаѓаат со движењето на сонцето во текот на целата сезонска година од две многу добро дефинирани точки на гледање. Ова нема паралела со ништо друго во Америка или во светот – Иван Геци.
Чанкило е третото наоЃалиште во Перу што во овој век е додадено на листата на светско наследство на УНЕСКО.