Руските филмови досега трипати се наградувани со „оскар“: „Војна и мир“ на Сергеј Бондарчук (1968), „Москва не им верува на солзите“ на Владимир Мењшов (1981) и „Лажливо сонце“ на Никита Михалков (1994)
Филмот на Андреј Кончаловски, „Драги другари!“, е руски кандидат за „оскар“. Светската премиера на новиот филм на Кончаловски беше на Венецискиот фестивал, на кој режисерот ја доби специјалната награда на жирито. Драмата снимена во црно-бел формат доби и награда за најдобра режија на Чикашкиот филмски фестивал.
Со филмот „Драги другари!“, Андреј Кончаловски ги продолжува своите патишта низ историјата. Откако се занимаваше со холокаустот во филмот „Рај“ и со добата на ренесансата, видена низ животот на Микеланџело, во филмот „Грев“, режисерот се враќа во Русија, односно во Советскиот Сојуз и на трагичните настани во градот Новочеркаск. Дејството се заснова на вистинските настани од 1962 година и ја следи приказната за тоа како мирните протести на работниците завршуваат со излегување на војската на улиците и со крвава пресметка со штрајкувачите.
Во главната градска фабрика луѓето се бунат против зголемување на цената на производите и бараат да им се зголемат платите. Кога на штрајкот му се приклучуваат и работници од други претпријатија, владината комисија одлучува да ја воведе војската и во рок од неколку часа мирниот протест се претвора во трагедија. Целиот настан е забошотен.
Главната јунакиња на филмот е членка на партискиот комитет, Људмила, која се противи на штрајкот, искрено верувајќи дека учествува во изградба на комунизмот. Меѓутоа, кога во немирите на плоштадот ќе ѝ исчезне ќерката, нејзината визија за стабилен комунистички свет моментално се урива. Главната улогу ја игра Јулија Висоцка.
Кончаловски одлучил да го сними филмот во црно-бел формат за да го нагласи фактот дека она што се случувало одамна е погребано во архивите. „Драги другари“ потсетува на патување низ учебниците по историја, во кои црните букви на бела хартија добиваат нова димензија и човечка форма. Филмот од 12-ти ноември се прикажува во руските кина.
Кончаловски во своите доцни и зрели години ги сними своите најдобри дела во кариерата. Неговиот животен пат е шаренолик, почнувајќи од филмските студии во младоста, каде што се запознава со Андреј Тарковски, кому му асистира при снимањето на антологиските „Ивановото детство“ (1962) и „Андреј Рубљев“ (1966). Ќе се прослави со „Сиберијада“ (1979), а неговата кариера ќе добие светска димензија. Вреден за споменување е и „Љубовниците на Марија“ (1984), а подоцна ги снима комерцијалните холивудски акциски комедии од 1989 година, „Танго и Кеш“ (со Силвестер Сталоне и Курт Расел) и „Хомер и Еди“ (со Вупи Голдберг и Џејмс Белуши). Во 1990-тите, Кончаловски се враќа во постсоветска Русија и претежно се занимава со театар и со телевизиски серии.
Андреј Кончаловски е повеќекратен лауреат на венециската „Мостра“: наградата „сребрен лав“ ја доби за филмовите „Белите ноќи на поштарот Алексеј Трјапицин“ (2014) и „Рај“, а главната фестивалска награда „златен лав“ му припадна за филмот „Куќа на лудаци“ (2002).
Руските филмови досега трипати се наградувани со „оскар“: „Војна и мир“ на Сергеј Бондарчук (1968), „Москва не им верува на солзите“ на Владимир Мењшов (1981) и „Лажливо сонце“ на Никита Михалков (1994).