Откако во петокот вечерта во Македонскиот народен театар навивачите на Шкупи дивеејќи прославуваа 30 години постоење, со соопштение излезе Министерството за култура.
– Сметаме дека во институциите треба да има однесување како што налагаат кодексите за однесување во една институција од областа на културата. Во МНТ во петокот било најавено одржување на два настани, свеченото одбележување на Денот на албанската азбука и проекција на документарен филм, но до дирекцијата на МНТ воопшто не било најавено присуството на навивачката група – изјавија вчера преку соопштение од Министерството за култура.
Припадниците на навивачката група наречена „Шверцери“ дивееја во салонот на МНТ, се качуваа на столчињата, се нишаа држејќи се за шипките на горниот дел од галеријата, скокаа, свиреа, навиваа, или она што редовно го прават по стадионите во петокот уште посилно го правеа во највисоката театарска институција во Македонија. Видеото што протече на социјалните мрежи ја згрози јавноста, која шокирана праша кој би можел да го дозволи тоа што се случи во една реномирана институција од највисок културен ранг.