На почетокот, кога сѐ уште не постоеше свесност за размерите и времетраењето на кризата, постоеја некој ентузијазам и романтизирана идеја за читањето, но со текот на времето се соочивме со новата реалност, која создава немир и загриженост, па граѓаните се свртени кон елементарните потреби, вели Ненад Стевовиќ од „Или-или“
По електронски пат, особено деновиве, граѓаните што седат дома за да се заштитат, можат да нарачуваат книги, а оние што излегуваат надвор можат и да си купат книги во сѐ уште отворените, но со променето работно време, ретки книжарници. Искуствата на издавачите во време на пандемија не се многу различни, и на оние што подолго се присутни и препознатливи во јавноста, но и на оние помладите – сите на свој начин се борат за книгата да стигне до читателите, а наедно и за својот опстанок.
– Ситуацијата дефинитивно ги потисна сите, па ни издавачите не се исклучок. Дистрибуција на книги воопшто не вршиме во книжарниците, a подготовката на следните изданија се одвива во домашни услови. За да им излеземе во пресрет на читателите, заедно со нашите партнери за интернет-продажба на стандардни и електронски книги, даваме попусти на сите наши изданија и делиме бесплатни електронски примероци.
Се надеваме дека ќе успееме на читателите да им украдеме малку од досадата во ова тешко време и им посакуваме да останат во добро здравје – вели уредникот на „Бегемот“, Филип Димевски.
Ненад Стевовиќ, главен уредник на издавачката куќа „Или-или“, која има и своја книжарница во центарот на Скопје, смета дека некое особено приспособување на нивната работа во време на пандемија многу е тешко да се направи, нагласувајќи дека и тие ја делат судбината со многу други дејности.
– Нашата книжарница, како и другите, работи со скратено работно време, но исто е како да сме затворени, посета нема. Онлајн-продажбата е минимална, луѓето трошат за она што им е неопходно. Во голем дел купувањето книги е купување за подарок, а во ситуацијава на социјална дистанца тоа е сведено на минимум. На почетокот, кога сѐ уште не постоеше свесност за размерите и времетраењето на кризата, постоеја некој ентузијазам и романтизирана идеја за читањето, но со текот на времето се соочивме со новата реалност, која создава немир и загриженост, па граѓаните се свртени кон елементарните потреби. Ќе мора да се издржи – нагласи тој, укажувајќи дека се обидуваат да ги задржат издавачките активности со нови книги, па враќањето на нормалните времиња да го дочекаат подготвени.
Од нивните книги најпродавани се: романот „Шрапнел“ од Игор Анѓелков, есеистичките книги од Антоан Компањон „Едно лето со Бодлер“ и „Едно лето со Монтењ“, психолошкиот трилер „Се мислам да ставам крај“ од Ијан Рид, како и „Мојот маж“ од Румена Бужаровска.
И од издавачката куќа „Полица“, чија истоимена книжарница е меѓу поновите во градот, имаат свои перцепции за пандемичната ситуација во која се наоѓаат и издавачите и читателите.
– Сега во овој момент кога повеќе од две недели сме социјално дистанцирани и во изолација, кога движењето ни е ограничено, а веќе и градови се затвораат, можеби некој од страна, некој што не е во продажба ќе помисли дека фрчат нарачките, но не е баш така. На почетокот, кога почна кампањата „Седи си дома“, повеќето издавачи, а и ние тенденциозно ги намаливме цените на книгите на нашите онлајн-продавници за да ја поткрепиме оваа кампања. Луѓето, барем за нашите наслови, не реагираа ништо повеќе отколку што реагираат за секоја акција. Ова, најверојатно, се должи на фактот што народот панично се упати кон маркетите и без мера почна да пазари. Забележувам дека почнуваат да бараат повеќе стручна литература, лектирни изданија, едукативни книги, како да се губи интересот за релаксирачката литература. Секако, книгите до 200 денари најмногу се продаваат – рече Биљана Петровска, менаџерка за продажба.
Таа нагласи дека во овој период е зголемена онлајн-продажбата на книги. Според неа, оваа издавачка куќа веќе има своја публика, која ги следи по социјалните мрежи, особено публиката од градовите каде што нема нивни изданија и се прават нарачки преку социјалните мрежи, преку нивната веб-страница и од е-продавниците како „Купи книга“ и „Митра“.
– Ние сепак сме потрошувачко општество и онлајн-продажбата значително се зголемува, особено кога имаме акции на книги, кога цената на една книга е од 100 до 150 денари. Не знам каков ќе биде исходот понатаму, но претпоставувам дека, барем додека трае ова, трендот на онлајн-продажба ќе се зголемува, но, по која крива ќе оди нагоре, ќе зависи од средствата со кои ќе се располага, а и од потребите. Ова го споменувам, зашто се зборува за едначење на платите. А образованието вакво или онакво, сепак е подобро од онлајн-образование, и родителите веќе се соочуваат со фактот дека не се учители, па бараат начини да им помогнат на децата да се образоваат – вели Петровска.
Таа издвојува, како што вели, симпатични моменти од контактот со купувачите во книжарницата каде што муабетот за книгите се прави на соодветна оддалеченост, се прскаат и продавачот и купувачот со средство за дезинфекција и се поздравуваат со мисла за добро здравје. „Желбата да се биде како сите други“ од Франческо Пиколо, каде што е опишан трендот на живот во денешна Италија, е нејзината препорака за книга.
Писателката, пак, Билјана Црвенковска, која е и главна уредничка на „Чудна шума“, млада издавачка куќа, вели дека кризата значително се одразила на нивната работа.
– Пред тоа имавме одлична продажба, нашите изданија за деца се продаваа многу подобро отколку што очекувавме како нов издавач, но веќе во март ситуацијата стана критична. Пред сѐ, ние немаме наша книжарница, немаме нови нарачки од книжарниците во кои се продаваме (околу 20 продажни места во Скопје, Битола и во Охрид), но затоа од самиот почеток продаваме книги и онлајн. Се обидовме на децата да им пласираме и бесплатни содржини преку првото бесплатно електронско списание за деца „Чудна шума“.
Списанието засега функционира комплетно ентузијастички, работиме без никаква финансиска поддршка, а секојдневно ставаме книжевни и едукативни содржини за децата. Секој ден пишуваат некои од најдобрите имиња на македонската книжевна сцена, од помладата но и од постарата генерација, а ни се приклучија и ни се приклучуваат одлични илустратори. Се надеваме само дека ќе бидат препознаени овој напор и нашето залагање на децата да им го направиме позабавен и полесен престојот дома – рече Црвенковска.
И издавачката куќа „Арс ламина“ се приспособи на новите „пандемични“ услови на функционирање.
– Во време кога поважно од сѐ е да останеме дома и да се грижиме за своето здравје и за здравјето на другите, излегуваме во пресрет на потребите на потрошувачите. Повеќето од активностите се префрлија онлајн. Имено, во тек е акција со попуст за онлајн-нарачките на сите наши издaнија. Секојдневно на нашите профили на социјалните мрежи споделуваме интересна и богата содржина за сите генерации. Исто така, споделуваме бесплатни извадоци и цели изданија (во продолженија) на нашиот блог, а и промоциите на новите книги во наше издание се префрлаат онлајн. Се трудиме да им го исполниме секојдневието на најмладите со едукативни и забавни содржини, па, така, преку профилот на импринтот за деца „Либи“, нудиме бесплатно читање на книжевни класици за деца, во продолженија.
Дополнително, за да ги поттикнеме читањето и љубовта кон пишаниот збор кај најмладите, деновиве ја почнавме акцијата видеочиталница, во чии рамки на нашиот канал на Јутјуб објавуваме видеа, во кои ги читаме омилените детски книги – велат од „Арс ламина“.
Во овој период работат само нивните книжарници во Скопје и во Битола. Оваа издавачка куќа веќе организира и онлајн-промоции на своите изданија. На 21 март се одржа онлајн-промоцијата на романот „Денот кога не се разбудив“ од Божидар Божиновски.