Здружението за култура, литература и уметност „Галикул” има чест да извести дека поетесата Долорес Атанасова-Лори (Д.А. Лори) е овогодишна добитничка на наградата „Тодор Чаловски“ за 2019-2020 година во областа на поезијата, книжевната критика, есеистиката и креативните прозни форми.
Наградата се доделува во знак на почит и сеќавање кон ликот и делото на својот основоположнк и еден од најистакнатите современи македонски писатели Тодор Чаловски (1945 – 2015), како признание од областа на поезијата, книжевната критика, есеистиката и креативните прозни форми, за автор од Македонија. Наградата предвидува издавање на книга на наградениот автор во 2020 година, резидентен престој во Галичник и авторски хонорар за изданието. Здружението за култура, литература и уметност „Галикул” одлуката ја обзнани на 25-тата по ред традиционална „Галичка книжевна колонија” одржана во Галичник од 11-ти до 13-ти октомври, на која освен овогодишниот лауреат, учествуваа и поетите Јовица Ивановски, кој оствари резидентен престој во Галичник на покана на организаторите и Биљана Стојановска, минатогодишна добитничка на наградата.
– Ни претставува огромна чест и задоволство што наградата ја доделуваме на еден од најавтентичните современи македонски поетски гласови. Поезијата на Лори е бескомпромисно искрена, исткаена од животно искуство и неверојатна имагинација. Неизмерно сме горди што следната година ќе можеме да ја објавиме нејзината нова збирка која веруваме ќе разбуди посебен интерес кај македонската книжевна публика” – исктакна Данче Чаловска, главна и одговорна уредничка во „Галикул“.
Ќе се сретнеме ли?
Возам низ градот во ниедно време,
по мокри улици и празни семафори,
по улиците, сеништа од дневниот метеж,
на радио, „Сениште” од Архангел,
„Под ова небо железно
никогаш нема да се сретнеме…“
Сите ние неколкумина,
во оваа темна ноќ, одиме некаде;
и мачката која знае да оди по вода,
и згрбавениот старец
кој ги влече нозете
полни години и умор,
и јас, замислена зад воланот,
со цигара во рака
и глава полна мрачни стихови,
и моите вчера, денес и утре,
удобно оптегнати на задното седиште…
Понекогаш ноќите се премногу долги,
чиниш никогаш нема да се раздени,
да светне ден и да ме повлече,
да ме сардиса со обврски,
да подзаборавам дека тивко се губам,
дека се разминувам со себе,
со тебе, со другите.
Ќе се сретнеме ли?
Долорес Атанасова – Лори (Д.А. Лори) е родена во 1974 во Германија. Раното детство го поминува во Германија, а потоа се сели со семејството во Охрид, каде го поминува детството и средношколските денови. Во 1993 во Скопје запишува студии по англиски јазик и книжевност. Оттогаш живее во Скопје, каде работи како професор по англиски јазик. Песните на Д.А.Лори за првпат се објавени во Букбокс, по што следи соработка со издавачката куќа Блесок, за која, во 2014, ја издава својата прва збирка поезија насловена „Будење во трето лице еднина“. Во 2016, од печат излегува „Со ветрот под рака“, во издание на издавачката куќа Антолог. По пауза од три години, во 2019, излегува нејзината трета книга, „Небо во кафез”. Во меѓувреме, нејзини песни се објавувани во поетската збирка „100.000 поети за промена” и е-книгата „Поетискон”, како и на страната на Словокулт, онлајн магазин за уметност и литература, и Фиxпоетрy, германска платформа за литература на интернет. Поезијата на Д.А. Лори е исто така објавена во монографијата на Астални проекции, како и во најстарото македонско списание за литература, култура и уметност, „Современост”. Долорес Атанасова-Лори е добитничка на интернационалната награда на „Антево Слово”, која за првпат беше доделена во 2017 во склоп на италијанската поетска манифестација Ангело ла Векија. Нејзината поезија досега е преведена на германски, англиски, српски и на шпански јазик.
„Галичка книжевна колонија” е една од најстарите и најзначајни поетски манифестации во Македонија, која оваа година се одржува по 25ти пат. Таа има за цел да даде придонес во континуираното унапредување на современата македонска поезија и збогатувањето на македонската современа култура и, воедно, да ја промовира наградата „Тодор Чаловски“, востановена во сеќавање на истакнатиот македонски поет и писател Тодор Чаловски, основач на манифестацијата. Посебен белег на овгодинешната манифестацијата даде литературното читање пред куќата на најзначајниот македонски преродбеник Ѓорѓија Пулески на кое беа споделени стови од поканетите писатели. Посебен акцент беше ставен на стихови од првообјавената поетска книга на Чаловски „Ноќ во која те нема“, која оваа година одбележува 50 години од објавувањето. Незаборавно беше дружењето и разговодите со Дејан Дуковски, еден од нашите најзначајни драмски писатели и заложник за заживување на културата во Галичник. Колонијата и оваа година имаше поддршка од Месната заедница „Галичник” и Министерството за култура. Досегашни лауреати на наградата “Тодор Чаловски” се Марта Маркоска (2015/2016), Иван Антоновски (2016/2017) и Биљана Стојановска (2017/2018).