На седмото издание на интернационалниот литературен фестивал „Про-за Балкан“, кој ќе се одржи од 19 до 22 мај на неколку локации во Скопје, ќе гостуваат еминентни писатели од регионот. Еден од гостите на фестивалот, во рамките на програмата „Скопје фелоушип“, ќе биде Пјер Астие, литературен агент и уредник во литературната агенција „Астие-Пеше“ од Париз. Астие е особено важен за нашата литература, затоа што го застапуваше Гоце Смилевски при пробивањето на романот „Сестрата на Сигмунд Фројд“ во светот. Астие ѝ ја продаде книгата на издавачката куќа „Пингвин“, која ги има авторските права за англиски јазик, но и во дваесетина други земји.
– Од самиот почеток на агенцијата, иако моравме да ја ограничиме нашата активност и да ги претставуваме само француските автори, бевме убедени дека во т.н. мали европски јазици се напишани брилијантни приказни и постојат одлични автори. Агенцијата стана целосно интернационална со македонскиот автор Гоце Смилевски и турската авторка Асли Ердоган во 2008 г. Огромниот успех на двата автора ни го отвори патот кон нов развој. Денес, со седиште во Париз, на распаќето на различни влијанија (источни, јужни, северни), имајќи ја можноста да работиме со различни читатели и преведувачи на ИНАЛКО (училиште за мали јазици), агенцијата е целосно меѓународна – вели Астие.
Фестивалот „Про-за Балкан“ наскоро ќе го објави и името на лауреатот, а целосната програма веднаш по Саемот на книгата.