Министерот за култура, Хусни Исмаили, ја посети Националната установа филмски центар „Вардар филм“ во Скопје.
Директорот на установата, Насер Цури, го информирал министерот дека објектот во кој е сместен „Вардар филм“ последен пат е реновиран во 1978 година и истакнал дека е потребно негово зајакнување, како и архитектонска интервенција во деловните простории.
Како што информираат од Министерството, на средбата директорот и Исмаили разговарале и за функцијата и активностите на институцијата, како и за давањето техничка поддршка на филмските продукции во земјата.
На средбата станало збор и за финансиската поддршка што „Вардар филм“ ја бара од Министерството за култура за осовременување на техничките услови, особено за потребите во делот на тонското студио и киносалата.