Бобан Алексоски, актер
Алексоски ја игра монодрамата „Дневникот на лудиот“, со која на фестивалот „Лица без маски“ ја освои наградата за најдобар актер, како и на БАТИФ во Тирана, каде што исто така беше награден за најдобар актер, а Ризески за режија
Бобан Алексоски (1993 г.) е дипломиран актер на универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕФТА, чиј талент никого не остава рамнодушен. Најпознат е по монодрамата „Дневникот на лудиот“ од Николај Гогољ, во режија на Ѓорѓи Ризески, која по 12-ти пат, на 2 октомври, ќе биде изведена во театарот „Сенки и облаци Скопје“. Во наредниот период претставата оди на турнеја низ девет македонски градови. Досега „Дневникот на лудиот“ учествувала на Фестивалот на монодрама во Битола, на „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, „Лица без маски“, каде што Алексовски ја освои наградата за најдобар актер на фестивалот, како и на БАТИФ во Тирана, каде што исто така беше награден за најдобар актер, а Ризески за режија.
Начинот на кој го изнесувате најдлабокото од ликот на Аксентие ја воодушевува публиката секојпат кога се игра претставата. Како ги доживувате реакциите на публиката?
– Секогаш се различни. Претставата се игра буквално пред очите на публиката и тоа многу ѝ помага на приказната. Претставата ја третираме како вид психодрама, иако тргнавме од хиперреализам, зад кој сѐ уште стоиме. Приказната е за маката на неостварените соништа и желби, потиснатоста од општеството, класите, за тоа говори Аксентие. Тажни се очите на секој во публиката кога ќе се сретнат со Аксентие, некој се пронаоѓа во ситуации, друг пак само сожалува. Секогаш влегуваат целосно во приказната, и тоа многу ме радува. На гостувањата сме играле на поголеми сцени, ама сепак публиката, навикната на класичен театар, претставата ја прими одлично.
Дали можете да се сетите на некои од најпредизвикувачките моменти за време на подготвувањето на претставата, каков е Ризески како режисер?
– Со Ѓорѓи работиме заедно уште од студентските денови, играв речиси во сите негови испити по театарска режија. И двајцата завршивме кај одлични професори, јас кај Роберт Вељановски, тој кај Дејан Пројковски. Сосема сме различни и затоа резултатот е интересен. За монодрамата предлогот беше на режисерот, а јас како желен за работа, невработен и тогаш неактивен, се залетав со огромна сила, но кон средината на процесот сфатив дека ова е нешто многу сериозно, сам си на сцена, голем испит на занаетот и талентот. Плачев, се смеев, сакав да се откажам, но го прифатив предизвикот и на крајот вредеше. Воопшто не е лесно да сте во кожата на ликот Аксентие, упропастен живот што донел лоша болест. Страшно.Оваа, на некој начин, интерактивна претстава провоцира размислување и акција од публиката.
Дали можете да одвоите некоја реакција што се одвоила од преостанатите?
– Претставата се случува дома кај Аксентие, публиката му се гости и првата комуникација со гостите, како и во животот, нормално е да се почестат, во нашиот случај со кафе, сок, за да се чувствуваат пријатно, добредојдено и опуштено. Постојано ги прашувам дали ме разбираат, а на крајот го резимираме животот на Аксентие. Не се случило претставата да заврши без одговори. Има една сцена, вклучена е цела публика со читање писма, е таму има многу смешни ситуации, на една изведба ѝ се обратив на жена да стане за да го земам документот под неа на столчето, таа не стануваше, јас упорно ѝ кажував дека мора да стане, таа си седеше, публиката се смееше, а потоа разбрав дека жената не разбирала македонски. Еднаш поради дожд не дојде ни половина народ, па ликот тажно ја почна претставата со читање писма и причини за отсуства на гостите, а таа изведба беше една од најдобрите.
Аксентие ви донесе две награди за најдобар актер, колку се тие за вас значајни, дали претставуваат мотивација?
– Наградите се битни, и тоа многу. Особено награда за монодрама е исто како да зела и цела претстава. Но малку е чудно што додека ги земам тие награди истовремено одам и на аудиции за вработување, а останувам невработен. Мотивацијата во нашата држава, сѐ додека можеме да останеме и да издржиме во неа, мора да ја бараме во дреболиите. За жал, се испоизмислија многу награди и не знам дали за публиката пред која играме тие значат нешто.
Дали постојат одреден тип улоги што ве привлекуваат или, пак, сакате да експериментирате со што е можно поширок спектар на различни карактери и приказни?
– Различни карактери и приказни дефинитивно. Сакам предизвици, дури и она што мислам дека не можам, сакам да го пробам. Би сакал да ги играм Жан од „Госпоѓица Јулија“ или Ричард Трети од Шекспир. Инспирацијата ја наоѓам во театарот, во претставата, кај одредени режисери, како на пример Томи Јанежиќ од Словенија, кој работи на една претстава и по една и пол година, а претставите му траат по десет часа, а ти сакаш да скокнеш во претставата и да играш уште десет, потоа Дејан Пројковски, Андреј Жолдак и др. Мојот професор по актерска игра Роберт Вељановски нѐ научи дека театарот е начин на живот, а таму најмногу лежи инспирацијата, да се разбудиш и да живееш како актер со прашања, дискусии, анализи, дилеми, приказни, книги.
Младите актери по дипломирањето се соочуваат со невработеност, ретки можности за ангажмани, „невидливи“ конкурси и аудиции…
– Дипломирав речиси пред пет години и се вработив, во кафуле. Мора од некаде пари, нели. За жал, тешко оди вработувањето кај нас. Имав искуство годинава да се соочам со конкурси, но сѐ уште сум со статус невработен. Еден актер не е актер ако е само вработен, има начини да работиш театар и надвор од државните институции, во Европа има многу приватни театри што работат подобро од државните, но кај нас го нема тоа.
На што работите во моментов?
– Во Драмскиот театар го толкувам ликот на Клапчо во претставата за деца „Снежана и седумте џуџиња“, пред некое време излезе аудиокнига со мојот глас за и од деца со оштетен вид и слух. Исто така планирани се проекции на краткометражниот филм на Даниел Шикоски, „Услов“, во кој играм. Актерската кондиција, освен со професионални проекти, ја одржувам и со испити по театарска режија на ЕСРА.